Во автентичниот амбиент на Сули ан, во Старата скопска чаршија, денеска, на Светскиот ден на книгата, во 19.30 часот ќе биде отворен 7. Меѓународен фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“. Годинава фокусот ќе биде на домашните автори и илустратори, кои со своето творештво оставиле значајна трага во детската литература или носат нова естетика и наратив во оваа уметничка област. Ќе биде отворена ретроспективната изложба посветена на Ордан Манески – еден од пионерите на македонската графика и илустрација. Неговите илустрации за деца за првпат се изложени на самостојна поставка, откривајќи нови димензии од придонесот на Манески во творештвото за деца.

– Голема чест е што токму „Литера“ ја препозна вредноста на овие илустрации и ги постави во фокус. Татковото дело секогаш било посветено на идните генерации – преку книгите, преку сликите, преку идејата дека уметноста треба да биде достапна и жива. Оваа изложба е доказ дека вистинската уметност не старее. Целта на илустрирањето, покрај надополнување на текстот во книгите, списанијата, сликовниците и другите публикации е и да ја пренесе и едуцира младата популација со вистинските вредности на ликовната култура – вели Томе Манески, син на доајенот Ордан Манески.
Публиката ќе има можност да се запознае со новиот визуелен израз на три современи македонски илустраторки – Иванка Ниба, Анастасија Јованова и Софија Семенпеева. Секоја од нив носи свој личен пристап во креирањето илустрации кои говорат на јазик близок на децата, но со уметничка сила препознатлива и за возрасните.

Ордан Манески
– Создавањето значајни моменти преку илустрацијата е создавање спомени во малите главчиња кои се меѓу првите убави слики во албумот наречен детство. На ова издание на „Литера“ ќе претставам свет кој го делам со оние кои немаат нималку страв од фантазирање на невозможното, а со тоа и мојата љубов кон илустрацијата на автентичен начин. Сликовниците – мала куќичка во која зборовите, боите, линиите и формите се рамноправни партнери. Спојувањето на световите, пробивајќи преку временски граници, е нешто што „Литера“ го отвора во простор за распостилање на емоции. Изложувањето на домашните автори е секако глас што допира до нова публика и застанување на цврсто тло држејќи ја фантазијата за рака – вели илустраторката Ниба.

„Литера“ и годинава ја продолжува мисијата да гради мостови меѓу генерациите автори, да создава контекст за квалитетна детска литература и визуелна култура и да ги инспирира младите читатели да сонуваат, цртаат и раскажуваат сопствени приказни. Дел од фестивалската програма се неколку креативни работилници за деца и промоции на сликовници. Изложбите ќе бидат поставени во галерискиот простор на Сули ан до 30 април, а сите настани се отворени и бесплатни за посетителите. Фестивалот е поддржан од Халкбанк и од Министерството за култура и туризам.





