Во КСП „Центар Јадро“ во Скопје вечерва во 20 часот ќе биде изведена театарскиот перформанс „Лилит“ – првата фаза од театарското истражување Notebook of Silence на Алесандро Ола, Јасмина Билаловиќ и Јелена Вуксановиќ. Проектот е замислен во различни фази кои оживуваат, во различни контексти, простори и кои вклучуваат различни соработници низ целиот тек на истражувањето. Претставата е работена по текстови на Ришард Ниечим, драматургијата и режијата се на Вуксановиќ, асистент е Симона Димковска, играта е на Билаловиќ, а композитори се Алесандро Ола и Маја Стајнберг. Сценографијата е на Мартин Манев, а костимите се на Павел Маслов.
Првата фаза од реализацијата е базирана на текстот на Ришард Ниечим и неговото повеќедецениско искуство на соработка со неговиот некогашен учител Гротовски, како во театарската работа (со професионални актери), така и во паратеатарската работа во која Гротовски и неговите соработници тежнеат да пресечат со ексклузивноста на театарските истражувања и да ги отворат за нови групи учесници од различни професии и позадини.
Актерката Билаловиќ своето истражување го заснова на нејзиниот повеќегодишнен тренинг со Ришард Ниечим, базиран на звучење (Sounding). Станува збор за наутички термин кој се користи за истражување на длабочините на сликите во јазикот и човечкото тело, во движење и одмор.
Драмскиот текст е искористен на минималистички начин, каде ликот на Лилит се користи како основа за градење на архетипот на женска фигура отфрлена од општеството поради тоа што ги одбива и преиспитува традиционалните, конзервативни вредности. Таа е заробена во вечен простор, сè уште верна на својата бескрајно бунтовна природа, но на моменти обремента од судовите на светот. Ние набљудуваме и сме сведоци на различните фази кои водат до нејзиното прифаќање на себе си во тоталитет, без да се стишува или да се моделира според она што се очекува од неа. Таа на крај го прифаќа тоа што е, а со тоа се прифаќаа себе си и конечно може да ја напушти старата, зададена, улога, ослободена од товарот на срам и вина.
Проектот е поддржан од нашето Министерство за култура и Амбасадата на Швајцаријa.





