„Лил, Лил, крокодил“ и „Кошмар пред Божиќ“ го отвораат Кино утро во Кинотека

Играниот филм „Лил, Лил, крокодил“ од 2022 година, во режија на Џош Гордон и Вил Спек, ќе ја отвори програмата Кино утро денеска во 13 часот во Кинотеката во Скопје. Улогите ги толкуваат: Хавиер Бардем, Винслоу Фегли, Констанс Ву, Шон Мендез. Филмот е наменет за деца над седум години.

Крокодилот Лил живее во куќа во Њујорк, во близина на Централ парк, удобно сместен на таванот кај семејството Прим. Помага во извршувањето на секојдневните обврски и си игра со децата од соседството, многу е забавен, мил и добронамерен, а и одлично пее. Меѓутоа, еден од соседите упорно тврди дека местото на Лил не е во куќа каде што живеат луѓе, туку – во зоолошка градина. Господин Грампс и неговата мачка Лорета не сакаат крокодили, а Лил се обидува да докаже дека не е толку лош и опасен колку што на прв поглед изгледа, односно како што другите, кои не го познаваат, очекуваат од него.

Гласот на анимираниот крокодил Лик во играниот филм го позајмува младата канадска музичка ѕвезда Шон Мендес кој ги изведува и сите нумери во филмот.

Од 19 часот ќе следува анимираниот „Кошмар пред Божиќ“ во режија на Хенри Селик, а по сценарио на Тим Бартон, Мајл Мекдауел, Каролин Томпсон. Играат: Дани Елфман, Крис Сарандон, Кетрин О’Хара.

Во Градот на Ноќта на вештерките живеат сите измислени страшила од приказните — врколаци, вампири, вештерки, зомбиња и други. На страшилото со глава на тиква, Џек Скелингтон, му е дојдено преку глава од постојаните прослави на Ноќта на вештерките, која секоја година, на ист начин, ја организира градоначалникот. Сакајќи нешто да промени, тој добива необична идеја, откако случајно ќе појде во Градот на Божиќ, каде ќе ги види Дедо Мраз, подароците, песните и сè што таму се случува. Затоа, непосредно пред Божиќ, тој го грабнува Дедо Мраз и ја презема неговата улога. Единствено девојката Сали, која е вљубена во Џек, се обидува да го разубеди, бидејќи претчувствува дека ќе се случат лоши работи.

Креативното и идејно чедо на Тим Бартон покрај тоа што беше блокбастер во времето кога се појави (1993 година), стана и култен филм за цела генерација филмофили. Бартон ги обмислил ликовите и приказната уште кога работел како аниматор за „Дизни“, но компанијата не сакала да реализира таков проект. Пред сè заради контроверзниот пристап на Бартон во третманот на темата (хорор комедија за Божиќ), заради принципите на студиото Дизни чии анимирани филмови дотогаш се реализирале со класична анимација, а не со стоп-анимација (како што бил замислен проектот), а и отсуството на очи кај главниот лик, што се сметало за хендикеп во смисол на губење на едно од битните изразни средства на главниот анимиран лик.

Кога на почетокот на 1990-тите раководството на „Дизни“ одлучува да ризикува и да финансира филмски проект од овој вид, Бартон веќе не им бил на располагање бидејќи работел на други проекти („Враќањето на Бетмен“), па за режисер бил ангажиран Хенри Селик. Но бидејќи целиот концепт, приказната, ликовите, процесот на анимација го носат печатот на Бартон, неговото име се појавува на најавната шпица и целосниот наслов на филмот е Tim Burton’s Nightmare Before Christmas.

Филмот е наменет за деца над 10 години.

Сподели