Личеноски, Владимирски, Мартиноски… дел од изложбата „Жанр сцени“ во Гевгелија

Изложбата „Жанр сцени“, избор на богата и вредна колекција на Националната галерија на Република Македонија, ќе биде отворена вечерва во 19 часот во Уметничката галерија „Амам“ во Гевгелија. Изложбата е во рамките на програмата „Гевгелија – Град на културата за 2025 година“, а ја организираат Општина Гевгелија во соработка со Дом на култура „Македонија“ и Музеј – Гевгелија.

Настанот претставува ретка можност гевгелиската јавност да види дела од депоата на Националната галерија, а кои носат висока историска, естетска и културолошка вредност. Во изборот се вклучени репрезентативни дела од основоположниците на македонското современо сликарство – најстарата генерација што творела пред двете светски војни – како и од повеќе истакнати автори од различни генерации. Меѓу нив се делата на: Димитар Андонов Папрадишки, Ѓорѓи Јаков Зографски, Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Томо Владимирски, Василие Поповиќ-Цицо, Методија Ивановски – Менде, Коста Хакман и други современи академски уметници.

Крста Хегедушиќ, масло на платно, 1937 година

Жанр сцените, како уметничка тема, претставуваат континуирана инспирација низ вековите – секојдневието, човечките карактери, односите и моментите фатени во живописни прикази, се мотиви што многу автори ги валоризираат како врвни уметнички изрази. Со оваа поставка се истакнува токму богатството и разновидноста на жанр сцените, прикажани преку дела од домашни и странски уметници.

Тематската изложба, која првично беше реализирана во просторот на „Мала станица“ во октомври 2022 година, повторно добива нов живот преку нејзино претставување во повеќе градови низ државата. Проектот има за цел да го доближи движното културно наследство до пошироката јавност, а планираната соработка ги опфаќа Велес, Битола, Охрид и Гевгелија.

Оваа гостувачка изложба претставува значаен културен настан за Гевгелија – град кој во 2025 година ја носи титулата „Град на културата“, дополнително збогатувајќи ја програмата со содржини што го афирмираат националното уметничко богатство и ја поттикнуваат културната размена.

Куратор на поставката е Елена Иванова, кустос во Националната галерија.

Насловна илустрација: Димитар Андонов Папрадишки, масло на платно

Сподели