Летно кино со автомобили во Охрид

Со филмот „Седумте величествени“ на Антоан Фукуа, вечерва во 21 часот кај Касарната Охрид ќе биде отворено летно кино со автомобили (summer drive-in cinema). Влезот со автомобилите ќе биде отворен од 20 часот, а по почетокот на проекцијата, нема да биде дозволено влегување, велат организаторите.

„Седумте величестевени“ е од 2016 година, а главните улоги ги толкуваат: Дензел Вашингтон, Итан Хоук, Питер Скарсгард и др.

Утревечер на програмата е „М“ на Вардан Тозија во истото време. Во македонскиот хорор филм од 2023 година, улогите ги толкуваат: Матеј Сиваков, Сашко Коцев, Александар Ничовски, Тони Михајловски, Камка Тоциновска и Бојана Грегориќ-Вејзовиќ.

На третиот последен ден, на програмата ќе бидат краткометражниот филм Mi(s)sing dog (2018) на Антонио Велјаноски, а потоа ќе следува првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата” на режисерот Гоце Цветановски.

Билетите по цена од 500 денари по автомобил може да се купат во кафе-бар „Шила“ или на влез на киното.

Сподели