„Лена и Владимир“ – прва македонска бајка за возрасни

„Убавицата и ѕверот“ на македонски начин… И тоа на раскажувачки начин што нема да ве остави на мир додека не ги склопите нејзините одјавни корици

Пишува: Тони Цифровски, Македонско радио

Долгометражниот првенец на режисерот Игор Алексов го оживува на големиот екран сценариото на нашиот еминентен автор на убавиот пишан збор, Александар Русјаков. Алексов долги години собира искуство како прв или втор асистент на голем број македонски режисери – од Сашо Павловски преку Дарко Митрески и Митко Панов, до Марија Џиџева, Дина Дума и Елеонора Венинова. Со тоа го надополнува наученото на Софиската филмска академија и во македонската кинематографија го впишува својот прв долгометражен филм достоен за почит.

Мистеријата на „Фантомот од операта“, емотивниот набој на „Убавицата и ѕверот“ и маската како таа врз Мел Гибсон во „Човекот без лице” (набројувањето на овие асоцијации воопшто не е со негативна умисла), сценаристот Русјаков како да ги имал предвид пишувајќи ја исклучителната човечка приказна за Владимир кој живее во шумата како осаменик, а чиј мир ќе го наруши влегувањето во неговиот свет на малолетната девојка која бегајќи од ужасите што ги доживува во Домот за сираци, бара засолниште.

Атмосферата на местото во шумата (единствено во кое авторите благо си поигруваат со надреалното) толку далечно од урбаното опкружување, прекрасно бајковито ја осветлува, но и затемнува кинематограферот Душан Кардалевски врз одличната сценографија на Влатко Зафирковски, инспирираните костими на Раде Василев и дострелите на маскерот Горан Игњатовски, мoнтажата на Мартин Иванов, како и воодушевувачки претопената во дејството музика на Дарко Спасовски и Горан Керкез.

Радува трендот на беспрекорен кастинг во поновите македонски филмови (или барем во повеќето од нив). Исклучок не е ни „Лена и Владимир”, во кој насловните улоги им се доверени на нашата сеприсутна актерка во која камерата е едноставно вљубена, Сара Климоска и, конечно и заслужено (и покрај долгогодишното меѓународно искуство на нашинецот роден во Сиднеј) во прва поголема и значајна главна улога, Тони Наумовски, кои пленат секој поединечно и особено во тандем. Климоска со нијансирање во играта како пеперутките што ја придружуваат, а Наумовски со сугестивноста и во играта и во бојата на гласот. Пријатно задоволство е и леснотијата на старата актерска школа на која не’ потсетуваат Петар Мирчевски, Петре Арсовски, Благоја Чоревски и Кирил Коруновски, како и на помладите Дениз Абдула, Ангела Димитрова, Никола Кузелов, Стефан Вјуисиќ, … но и на прерано починатиот артист од ансамблот на Албанскиот театар од Скопје, Луран Ахмети.

Како што велам и во насловот, македонската кинематографија со овој филм ја доби својата прва бајка за возрасни. И тоа на раскажувачки начин што нема да ве остави на мир додека не ги склопите нејзините одјавни корици.

Сподели