Богата и внимателно курирана програма која ја слави моќта на филмот да размислува, сведочи, предизвикува и возбудува најавива Кинотеката на Македонија во мај. Фокусот на програмата е ставен на авторски поетики, политичка историја и филозофска рефлексија, која истовремено е и уметничка прослава и интелектуална провокација, најавуваат од Кинотеката.
Програмата започнува со два антологиски филма на Емир Кустурица – „Подземје“ и „Аризона дрим“, кои ја отелотворуваат неговата единствена авторска визија. „Подземје“ е епопеја за историјата на поранешна Југославија, раскажана како гротескен театар на апсурдот, каде реалноста и илузијата коегзистираат во еден подземен лавиринт на заблуди. „Аризона дрим“, пак, е своевидна бајка за американскиот сон низ погледот на балканскиот иселеник, обоена со волшебен реализам, иронија и меланхолија. Филмовите на Кустурица не се само приказни – тие се блуз, балада и политичка сатира во едно.
Во чест на неодамна починатиот Џин Хекман, ќе се одржи омаж со проекции на два негови незаборавни филма: „Разговорот“ на Френсис Форд Копола и „Непростено“ на Клинт Иствуд. Првиот го прикажува Хекман во улога на интровертен експерт за прислушување, фатен во мрежа на параноја и морална дилема, додека вториот го претставува како насилен шериф што го преиспитува митот за херојството. Хекман останува синоним за актерска прецизност, длабочина и човечка кревкост.
Мајската програма вклучува и ретроспектива на култниот италијански режисер Пиер Паоло Пазолини, чија филмографија претставува постојан судир помеѓу поезијата и политиката, телесното и божественото, порокот и светоста. Неговите филмови сведочат за бескомпромисната борба против културната хомогенизација и буржоаската хипокризија.
Во соработка со Амбасадата на Полска, ќе биде претставен избор на филмови под наслов „Солидарност на големото платно“, посветен на едно од највлијателните демократски движења во Источна Европа. Преку дела на Кшиштоф Кишловски, Агњешка Холанд и посовремени автори, гледачите ќе можат да ги почувствуваат драмите на политичката совест, отпорот и колективната меморија. Овој циклус не е само историска ретроспектива – тој е и потсетник на улогата на филмот како сведок и чинител на општествени промени.
Во рамките на мајскиот циклус Солидарност на големото платно, Кинотеката ќе биде домаќин на две извонредни имиња од современата полска документаристика – режисерот Куба Микурда и визуелната уметница и филмска монтажерка, Лаура Павела.
Микурда е полски режисер и филмски теоретичар, чија работа се одликува со уникатна психоаналитичка перспектива и иновативен пристап кон архивските материјали. Иако нема формално филмско образование, неговата стручност произлегува од современата психоанализа – како поранешен студент на Славој Жижек, тој е автор на книга за поимот „не-се-сè“ кај Жак Лакан. Микурда е автор на високо оценетите документарци Love Express: Исчезнувањето на Валеријан Боровчик (2018), Бегство на Сребрениот Глобус (2021) и Соларис, моја љубов (2023), а предава и на престижната Филмска академија во Лоѓ.
Павела, пак, е визуелна уметница, скулпторка и монтажерка со богато искуство во областа на уметничкиот и документарниот филм. Таа е авторка на бројни изложби во Полска и светот, и предавачка на предметот found footage на филмска академија. Павела е долгогодишна соработничка на Микурда, со кого го има снимено филмот Соларис, моја љубов, а заедно со Изабела Пајонк беше номинирана за престижната награда „Орел“ за монтажата на Бегство на Сребрениот Глобус во 2022 година. Нејзината работа се одликува со префинето чувство за асоцијативна монтажа на архивски материјали – тема на нејзините неодамна завршени докторски студии.
Целата програма на линкот.





