Културата не e трошок и луксуз, туку стратегиска инвестиција

Светот денес брзо се менува и сериозно ги предизвикува концептите на културната политика од 20 век, рече вчера министерската за култура Ирена Стефоска на регионалните консултации за културните политики на УНЕСКО за Европа и за Северна Америка што се одржаа онлајн. Во презентацијата на тема „Инвестирање во културата и креативноста за креирање вработување и социоекономски развој“ таа нагласи дека мора да дадеме сè од себе за да ја промениме лажната перцепција за културата како трошок или луксуз и да ја прикажеме како важна стратегиска инвестиција која носи значителни придобивки за општеството.

– Токму затоа 74. Генерално собрание на Обединетите нации 2021 беше прогласена за Меѓународна година на креативна економија за одржлив развој. За жал, пандемијата во голема мера ја парализираше креативната економија – рече Стефоска.

Претседавач на настанот беше Нина Обуљен Коржинек, министерка за култура и медиуми на Хрватска, а свое излагање имаше и Ернесто Отоне, помошник на генералниот директор на УНЕСКО за култура. Учесниците дискутираа и за теми поврзани со промоцијата на културната разновидност во дигиталното опкружување и јакнење на статусот на уметниците; заштита и промоција на културното наследство за социјална инклузија, дијалог и мир; јакнење на синергиите меѓу културата и образованието фокусирани на човечки развој и одржливост и регионално и светско партнерство за културата и одржливиот развој.

Регионалните консултации се подготвителен процес пред Светската конференција на УНЕСКО за културните политики и одржлив развој Mondiacult 2022, што УНЕСКО, во партнерство со Владата на Мексико, ќе ја реализира од 28 до 30 септември 2022 година.

Сподели