Креативни индустрии – новина во годишното финансирање од Министерството за култура

Креативните индустрии се новоотворената програма која ќе биде финансирана од буџетот на Министерството за култура идната година, соопшти на вчерашната прес-конференција министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Конкурсот за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2024 година е отворен вчера преку системот за електронско пријавување и ќе биде затворен на 6 ноември во 12 часот. И оваа година електронското пријавување целосно ќе се спроведува преку националниот портал за е-услуги.

Според Костадиновска-Стојчевска, главните приоритети за секоја дејност или област остануваат исти – квалитет, иновативност, креативност.

– Новините ќе дадат дополнителен квалитет, затоа има дополнување на постојните дејности и области со нова буџетска програма – креативни индустрии, со посебни финансиски средства. Условите, правилата и приоритетите за пријавување во новата програма за креативни индустрии се објавени на веб-страницата uslugi.gov.mk. Овој посебен конкурс се однесува само на областите и активностите кои се дел од креативните индустрии, а не се опфатени со други конкурси и кои досега немале можност да бидат финансирани – рече Костадиновска-Стојчевска.

Според неа, ако креативноста се потенцира како една од најважните вештини во промените на новото време, поттикнати од четвртата индустриска револуција, ние тој чекор мора да го фатиме.

– Креативните индустрии стануваат битен двигател на економиите, креираат нови работни места, носат профит, но се и промотори на културниот идентитет. Поставувањето на нова буџетска програма која ќе ги поддржи креативните индустрии е влог во нашиот интелектуален потенцијал и уште една системска поддршка на културната индустрија. Тоа го препознаваме и затоа отвораме нова буџетска програма наменета за креативните индустрии – рече Костадиновска-Стојчевска.

Новина има во заштитата на културното наследство ќе има три посебни пријави по дејности кои досега беа на иста пријава: библиотечна дејност; музејска дејност и нематеријално културно наследство; заштита на недвижно културно наследство и на аудиовизуелни добра. Целта е да се поедностави и да се олесни процесот на пријавување, критериумите, мерилата за оценување на пријавите и начинот на финансирање не се променети. Станува збор само за посебни пријави.

Во меѓународната соработка предвидена е финансиска поддршка на иницијативи и проекти кои се во насока на унапредување на стратегискиот дијалог со САД, унапредување на соработката со државите членки на иницијативата „Отворен Балкан“ и проекти во функција на поврзување со дијаспората. Приоритет ќе имаат и проектите што ќе нѐ промовираат во градовите-европски престолнини на културата за 2024 година и во земјите претседавачи со Европската Унија идната година.

– Го прошируваме и списокот на поддршка, котизација за членство во меѓународни организации и асоцијации. И овие измени, во делот на приоритетите и условите во меѓународната соработка, се објавени на веб-страницата uslugi.gov.mk – нагласи Костадиновска-Стојчевска.

Искуството од минатите годишни конкурси покажале зголемен интерес за детска литература на македонски јазик. Костадиновска-Стојчевска ги охрабри авторите и илустраторите да го зголемат својот придонес во квалитетот на овој конкурс. Таа потсети дека системот автоматски го „препознава“ невниманието на корисниците кон општите услови и правила за тоа со колку проекти можат да конкурираат по дејност. Затоа пријавите треба внимателно да се пополнуваат за да не пропаднат добри проекти поради невнимание.

Техничките упатства и поддршката при регистрирањето, корисниците ќе можат да ги најдат на веб-страницата uslugi.gov.mk, како и преку контакт-центарот на националниот портал.

Помош во делот за пријавите, од стручен аспект, корисниците и оваа година ќе може да побараат во секторите во Министерството за култура. Контактите со конкретни лица по области и нивните е-адреси се објавени на веб-страницата на Министерството за култура (kultura.gov.mk).

Решенијата за прифатени, за одбиени или за отфрлени проекти, корисниците ќе ги добијат по електронски пат, преку Националниот портал за е-услуги.

Сподели