Кореографии на Рисимкин, Данчевска, Мојсовска на Танц фест Скопје

Танчери од студиото за танц „Бах“ од Струга, најдоброто од Рисима Рисмкин, кореографија на Андријана Данчевска ќе биде дел од програмата на јубилејната претстава на фестивалот Танц фест Скопје, вечерва во 20 часот, на сцената на Македонскиот народен театар во Скопје. На почетокот ќе биде прочитана и македонската порака за танц од примабалерината Александра Мијалкова.

Фестивалот годинава се реализира под мотото „Сирово: од движење до виртуозност – 20 години извонредност во современиот танц“.

Танчерите од студиото „Бах“ ги предводи Тања Мојсовска – Бах. Ова студио годинава прославува 30 години постоење и остави голем печат во развојот на танцовата уметност во Струга и пошироко. Студиото ја претставува домашната младинска современа танцова сцена на многу регионални и светски натпревари со голем успех.

На сцената на МНТ постхумно ќе биде врачена и наградата „Менада“ за врвни достигнувања во областа на танцовата уметност на балетскиот уметник Марин Црвенов, доајен на македонскиот балет, кој остави неизбришлив печат во развојот на македонскиот балет и кој активно делуваше на сцената во периодот од 1961 до 1990 година, како долгогодишен првенец. Марин Црвенов е дел од генерацијата, која ја зацврсти позицијата на македонскиот балет, остави огромно наследство и одговорност за следните генерации и Танц фест Скопје со голем пиетет ја продолжува традицијата да се одбележат најдобрите во областа на танцовата уметност.

По доделувањето на наградата, публиката ќе ги проследи кореографиите на Рисима Рисимкин, насловени како The Best Of, кои го обиколија светот, со голем успех и беа изведувани на сцените во Њујорк, Париз, Пекинг и др.

Ќе видиме фрагменти од претставите „СМС (Сите мои слики), на музика на Дуке Бојаџиев, во изведба на првенката на Скопје танцовиот театар Анастасија Данчевска, „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ на музика на Тони Китановски, во изведба на првенците на Скопје танцовиот театар Адријана Данчевска, Бобан Русески, прима балерината на Националната опера и балет Мими Попалексова-Атанасова, со танчерките Стефани Шаршмит, Викторија Коцева и Марија Андова. Овој дел на програмата ќе заврши со изведба на кореографијата „Котел“, на музика на Тони Китановски, а ќе настапат танчерите на Скопје танцовиот театар Сара Димовска, Јоана Благадуша, Клара Христова, Микаела-Анџела Глигорова, Илина Костовска, Моника Шолевска, Нина Петрушевска, Надја Луканова, Теона Ѓуровска, Елена Терзиева и Михаела Колцункова, млади сили на Катедрата за современ танц при Универзитето „Гоце Делчев“. За сите претстави костимите се на Благој Мицевски, а сценографијата на Матеа Мијановиќ.

Во вториот дел на вечерта, следи претставата „Место. Многу посебно за неа“ на кореографката Адријана Данчевска. Во кореографијата е користена музиката од „Болеро“ на Морис Равел, а во живо ќе настапи и музичарот Гоце Наумов.

Настапуваат танчерите на Скопје танцовиот театар Анастасија Данчевска, Стефани Шааршмит, Викторија Коцева, Нина Петрушевска, Сара Димовска и гостите од Националната опера и балет Илиана Данилова и Наташа Трендафилова Гицев.

Јубилејното издание на фестивалот е поддржано од Министерството за култура, Францускиот институт, Виталија, Бовин, Австриската амбасада во Скопје, а програмата се изведува во соработка со НОБ, МНТ, МКЦ. Медиумски покровители се МРТВ, Радијата Антена5, Бубамара, Метрополис, Сити радио, Урбан ФМ.

Сподели