Конзервацијата на „Св. Ѓорѓи“ од 12 век во Курбиново ќе заврши до крајот на годинава

Со современи технологии и техники на истражување, ласерско скенирање на објектот, инфрацрвена камера, мултиспектрална камера и други техники стручните лица се обидуваат да утврдат како пред околу еден милениум била изградена и живописана црквата „Св. Ѓорѓи“ во преспанското село Курбиново. Активностите врз споменикот на културата треба да завршат до крајот на годинава, кога треба да заврши конзервацијата на архитектурата и на ѕидно сликарство.

Црквата вчера ја посетија министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и конзерваторите од Битола и од Солун кои ги презентираа резултатите од досегапните активбости. Проектот се реализира со соработка на битолскиот Завод за заштита на спомениците на културата и Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун.

– Експертите ги здружија професионалноста, техничките можности, знаењето, искуството, резултатите од претходните истражувања и современите методи, и посветено се вложија во проектот на кој со децении се чекаше – конзервација на фрескоживописот од 12 век, меѓу кои е и на познатиот „Ангел од Курбиново“ – рече Костадиновска-Стојчевска.

Работата почна пред две години кога Заводот и музеј од Битола и Европски центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун потпишаа меморандум за соработка. На презентацијата вчера присуствуваа амбасадорката на Грција, Софија Филипиду, генералниот конзул на Грција во Битола, Александрос Видурис, директорката на битолскиот Завод и музеј, Мери Стојанова со тимот конзерватори и директорката на Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун, Флора Карајани.

Сподели