Со 6 милиони денари од Министерството за култура и туризам ќе биде завршена санацијата на стариот конак во Лешочкиот манастир, Тетовско. Локацијата вчера ја посети министерот за култура и туризам Зоран Љуков кој се сретна со со митрополитот на Тетовско-гостиварската епархија, владиката Јосиф.

– Овој проект е од огромно значење за нашето културно наследство и се очекува да биде завршен до крајот на годината. Обезбедени се пари и за конзервација на живописот на црквата „Св. Богородица“, каде е откриен трет најстар слој фрески, што сведочи за повеќевековниот континуитет на оваа историска локација – рече Љутков.

Во манастирскиот комплекс во Лешок има две цркви, „Св. Атанасиј“ од 19 век и црквата „Св. Богородица“ од 14 век. За време на воените конфликти во 2001 година „Св. Атанасиј“ беше крената во воздух и разурната. По две години почна санацијата и реконструкцијата на објектот. Санацијата на црквата тогаш ја финансираше Европската агенција за реконструкција. Манастирскиот комплекс во Лешок е споменичен објект и датира од почетокот на 14 век (1326 г.).





