Конференција на УМПАКИ за дигитализацијата на креативните сектори во високото образование

Во просториите на „Нетавил“ во Скопје, денеска во 10 часот, ќе се одржи меѓународната конференција „Дигитализација на креативните сектори во високото образование (DIGITCRESHE)“. Оваа конференција има за цел да ги презентира резултатите од проектот DIGITCRESHE и да поттикне дискусија за трансформацијата на високото образование во согласност со потребите на креативните индустрии.

Конференцијата ќе собере повеќе од 20 странски учесници, како и домашни претставници, експерти, академици, студенти и професионалци за да дискутираат за начините на кои високото образование може да се трансформира за да ги задоволи потребите на креативните сектори. Преку панел дискусии и презентации на најдобрите практики, учесниците ќе имаат можност да разменат идеи и да воспостават соработки кои ќе придонесат за намалување на јазот меѓу образованието и индустријата.

Проектот DIGITCRESHE е иницијатива насочена кон подобрување на квалитетот на високото образование во креативните и културните индустрии во земјите од Западен Балкан, финансиски поддржан преку програмата Еразмус+. Главната цел на проектот е подобрување на квалитетот на програмите за високо образование во креативните и културните индустрии во Западен Балкан, со цел студентите да бидат позадоволни од стекнатите вештини, дипломираните да бидат поквалификувани и поконкурентни на пазарот на трудот, а со тоа да се постигнат повисоки стапки на вработеност. Ова ќе се постигне преку дигитална трансформација која користи активни методи на учење и иновативни дигитални образовни алатки.

Ќе се обратат: Александар Трајковски, ректор на Меѓународен универзитет ЕУРОПА ПРИМА, Кирил Ѓозев – претседател, УМПАКИ Скопје, Радослав Настасијевиќ Варџиски – заменик министер за дигитална трансформација, Министерство за дигитална трансформација
o Претставник од Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, Ахмед Ќазими – раководител на Секторот за високо образование при Министерство за образование и наука и др.

Ќе биде организирана и панел дискусија „Надминување на јазот: Трансформација на образованието за задоволување на потребите на индустријата во креативниот сектор“ и „Промени во академските методологии и наставните програми за намалување на јазот и следење на трендовите во дигитализацијата на високото образование“. Настанот ќе го модерира проф. Димитар Јовевски од Економскиот факултет од Скопје, а ќе учествуваат: Гордана Вренцовска, Европски универзитет – Скопје, Петар Новковски, студент при Европскиот универзитет – Скопје и Саша Станишиќ, режисер, Универзитет Еуропа Прима

Претставници од универзитети од Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора, Грција и Португалија ќе ги презентираат новоформираните Креативни лаборатории, нивната улога во образованието, соработката со индустријата и идните примени.

Сподели