Концертна промоција на албумот Afro Gitano во „Јавна соба“

Концертна промоција на албумот Afro Gitano, заеднички проект на Тони Китановски, легендарниот Баба Сисоко од Мали и диџејот Гоце САФ ќе се одржи вечерва во 21 часот во „Јавна соба“ во Скопје. Промоцијата е дел од програмата на Skopje design week.

Необичниот спој на африкански ритми, балканска душа и урбан електронски грув претставува автентично музичко патување што ги урива границите меѓу жанровите и континентите.

– Afro Gitano е музика што се движи како реката, како луѓето, како слободата. Албумот, снимен во време на пандемијата на три континенти и во шест земји, ја носи енергијата на спонтаноста и заедништвото. Едноставно ќе пролета идеја што ни се чини добра, и тројцата се нафрламе на неа како мала глутница – вели Китановски.

За Баба Сисоко, кого Китановски го опишува како „музичар од највисок ранг кој со музиката придонесува за мирот на земјата“, оваа соработка претставува спој на духовноста на западноафриканската традиција и џез-импровизацијата.

Сподели