Концерт на квартетот „Макбрас“ и изложба на Благојче Петровски во КИЦ во Истанбул

Во Македонскиот културен центар во Истанбул, утревечер ќе се одржат два настани – ќе настапи квартетот тромбони „Макбрас“ (19 часот),  а еден час подоцна ќе биде отворена и изложбата „Поема на атомите“ на Благојче Петровски.

„Макбрас“ е еден од најистакнатите македонски камерни ансамбли, а концертот ќе биде реализиран со пијано придружба на Маријана Николoвска. Во „Макбрас“ членуваат: Виктор Богевски, Никола Ристевски и Бранко Илиевски на тромбони и Александар Ниниќ на туба.

На репертоарот ќе биде изведена програма со дела од Давид Фердинанд, Семи Нестико, Благој Цанев, Џорџ Гершвин, Франсоа Гуин, Лени Нихаус, Георг Лохман, Астор Пјацола и Бил Холкомб, програма која ги поврзува класичниот концертен израз, џезот и современата музика.

Изложбата „Поема на атомите“ на Благојче Петровски претставува духовно и визуелно истражување инспирирано од мислата на Руми и од иконописната традиција. Преку минималистички композиции, симболички знаци и внимателно користење на златната површина, Петровски создава тивок, но моќен сликарски јазик кој ја отвора темата за светлината, љубовта и внатрешниот ритам на создавањето. Делата функционираат како контрапункт на современиот материјалистички сјај, нудејќи простор за созерцание и духовна тишина.

Концертот се реализира во рамките на Годишната програма на Министерството за култура и туризам, како дел од континуираните активности на Македонскиот културен центар во Истанбул, посветени на афирмација на македонската музичка уметност и нејзините изведувачи во Република Турција.

Сподели