Во Македонскиот КИЦ во Софија вечерва во 18.30 часот ќе се одржи концертот на македонскиот бенд „Код 369“. Целовечерниот концерт на оваа група, некогаш позната како „Памперс“, ќе претстави авторска музика која е создавана во минатите 20 години и е сместена на шест албумски изданија со преку петнаесет официјални видеозаписи и телевизиски концерти за Македонска радио и телевизија. Публиката ќе може да проследи теми кои се наоѓале на водечките места на сите релевантни топ листи.
Бендот создава нови музички моменти на фанк, џез и класични инструменти, кои се вплетуваат во препознатливиот рок заедно со влијанијата од современата рок и поп музика. Нивната музичка мисла е секогаш на границата помеѓу алтернативниот рок и комерцијалната рок и поп музика, зачувувајќи ја брилијантноста, слободата и авангардните идеи од првата категорија и прифатливоста на втората. Преку нивните текстови, може да се идентификуваат универзалните човечки и литературни вредности, љубовта како движечка сила и моќта на поединецот како двигател што ја дарува најдобрата верзија од себе.
„Код 369“ се формирани во 2020 година во Битола: Ирена Димовска (вокал), Даниел Митревски (гитара, придружни вокали), Иле Лулевски (тапани, придружни вокали) и Гоце Јованоски (бас гитара). Тие се продолжение на долгогодишната музичка дејност на членовите на „Памперс“ (Ирена Димовска, Даниел Митревски и Иле Лулевски), со издадени четири албуми, учества на сите релевантни фестивали во државата и регионот, гостувања со концерти во Лондон и Копенхаген, со три број еден синглови на регионалниот Ем-Ти-Ви канал и вкупно девет на нивните топ листи и бројни соработки со продуценти, издавачи и уметници од целиот свет.





