Концерт на „Дримкол“ од Вевчани во Софија

Во Македонскиот КИЦ во Софија вечерва во 18.30 часот концерт ќе одржи Културно-уметничкото друштво „Дримкол“ од Вевчани. Насловот е „Од Вевчани до Софија: македонска култура и традиција во ритам“. Со концертот, преку македонскиот ритам од Западна и Источна Македонија, ќе ја претстави и промовира културата и традицијата на својата земја пред публиката во Софија. Целовечерниот концерт на ,,Дримкол” ќе ја презентира содржината на песни и ора изведени од фолклорниот ансамбл, со традиционален оркестар во живо и автентични македонски народни носии.

КУД „Дримкол“ со богатата изворна народна носија, изворните инструменти, изворните кореографии од Вевчанското поднебје е ансамбл еден и единствен, различен од сите други во Македонија. Покрај учеството на домашните фестивали, фолклорниот ансамбл ја презентирал македонската фолклорна традиција на многубројни настани и фестивали во: Хрватска, Србија, Црна Гора, Грција, Италија, Бугарија, Албанија ,БиХ, Турција, Полска, Чешка, Германија, Франција, Велика Британија, Азербејџан, Русија, Украина, Литванија, Египет.

„Дримкол” од Вевчани во своето долгогодишно постоење остава силен белег на македонската сцена во делот на истражување, негување, зачувување и презентација на традиционалните вредности од областа на културата и уметноста. Почетоците на оваа дејност во Вевчани датираат уште од 1947 година, кога за прв пат во Вевчани се формира играорна група која со своја програма зема учество на 11 Октомвриските свечености во Битола и Штип и се здобива со диплома на која е оценета како многу добра и пофалена.

Од тогаш, ваквата традиција почнува да се негува со силен ентузијазам од многу вевчанци: ученици, младинци како и учители, педагози кои работат со играорната група, а веќе во 1973 година ваквата играорна традиција добива и правна форма прво под името ,,Печалбар”, а потоа се преименува во „Дримкол”.

Сподели