Концерт на Александра Кировска и Мила Николовска Ѓумар и изложба на Давид Атанасоски во Истанбул

Македонскиот Kултурно-информативен центар во Истанбул вечерва во 19 часот, ќе биде домаќин на двоен културен настан, кој ќе ја обедини музиката и ликовната уметност. Концерт ќе одржат Александра Кировска (гитара) и Мила Николовска Ѓумар (сопран), а ќе бидат изложени дела на Давид Атанасоски.

Публиката ќе има можност да ужива во спојот од класични дела и современи композиции – од О. Копенков, М Диего Пујол и Е. Дијаз, преку вечните романтични арии на Џордани и Шуберт, до современите македонски дела на Давор Јордановски.

Во 20 часот, веднаш по концертот, ќе биде отворена изложбата „Рециклирани пејзажни симболи“ на младиот македонски уметник Давид Атанасоски. Проектот претставува резултат на неговите инвентивни скулпторски и сликарски истражувања, во кои обичниот картон, како основен материјал, се преобразува во минималистички и апстрактни геометриски форми. Со своето творештво Атанасоски отвора прашања за односот меѓу уметноста и општествените процеси, интегрирајќи ги и темите за одговорното управување со ресурсите и еколошките
тенденции.

Настанот е дел од активностите и годишната програма на македонскиот Културно-информативен центар во Истанбул, чија цел е промовирање на македонската култура и современо творештво пред пошироката турска публика.

Сподели