Кој, како и зошто го предава предметот историја во гостиварските училишта?

Дали учениците заслужуваат на сметка на партиско-клиентелистичките потреби да бидат интелектуално и образовно осакатени, во буквална смисла на зборот?

Пишува: Даниел Ѓорѓевски

Во белите мугри на „демократијата“ зажеднети ја гасиме жедта на изворот на тиранијата, слепо ја следиме демократијата, живееме за партијата. Колку и да звучи саркастично и стиховито, накратко вака може да се опише секојдневието на Македонецот, дома, во татковината. Во македонското општество терминот клиентелизам како да го изгуби вистинското значење, научното, емпириски докажано. Клиентелизмот всушност е термин кој може директно да се поврзе со политичките партии кои го негуваат духот на демократијата. Ако клиентелизмот како термин се користи за да се именуваат многу феномени, од политичко влијание и лобизам до политичка корупција, кај нас тоа традиционално се нарекува „Јак е во партија – затоа успеа“.

Ваквиот неселективен метод вообичаен за традиционалните политички партии кои во име на татковината и демократијата управуваат со јавните добра кај нас, сè понагласено навлегува во еден од најважните ресори – образованието. Ако во нормалниот развиен свет образованието се смета за едно од најосновните човекови права, задолжителен процес низ кој апсолутно мора да пројде секој човек, претставува главен механизам врз кој се потпира социо-економскиот развој, му овозможува на човечкото суштество целосно да учествува во развојниот процес преку стекнување знаење, вештини и промени, кај нас во Македонија сè уште сме заглавени во традиционалниот клиентелистички модел. Тука мора да се прашаме кој, како и зошто сите тие права и природни процеси на човекот му ги става во опасност со клиентелистичкото образование.

Плуралниот политички апарат традиционално поделен според класичниот Римски принцип – „Раздели па владеј“ (Divide et Impera) стимулиран од централизацијата на образованието, поттикнат од „политичко-демократскиот“ реваншизам, полека но сигурно нè фрла во амбисот кој неколку децении сами го копаме. Колку и да говориме за значењето на образованието и неговиот развој, колку и да изнесуваме аргументи во кои ќе побиеме бројни нерегуларности, ситуацијата на терен е во најмала рака бедна. За да не навлегуваме повеќе во теориска расправа, ќе прашам: Кој, како и зошто го предава предметот историја во гостиварските училишта?

Во географските рамки на Општина Гостивар постојат 11 основни и 4 средни училишта во кои се предава на македонски, албански и на турски јазик. Сите училишта со децении едуцираат и образуваат илјадници гостиварци, и сето тоа е според Статут и Закон. Клучното прашање е дали според Статут и Закон се врши распределбата на работни места во сите образовни институции, и зошто не е така? Тука почнува мојата приказна.

Јас сум археолог и историчар. Од август-септември 2018 година до денес ја „спознавам“ реалната слика на македонското општество, емпириски. После една деценија активно истражување и публикување на 7 научни статии во списанија специјализирани за историја и археологија, 20-ина колумни за образование и култура, заглавив во лавиринтите на бирократијата и клиентелизмот како единствен невработен археолог/историчар на територија на Општина Гостивар. Фактот дека сум невработен и не е толку изненадувачки бидејќи десетици илјади млади со високо образование се соочуваат со мојата судбина. Изненадува фактот што во 15-те гостиварски училишта наставниот предмет Историја го предава само 30 отсто од наставниот кадар, во согласност со образованието кое го поседува – дипломирани историчари. Додека на територија на Општина Гостивар има осуммина активни стручни кадри кои може да го предаваат овој наставен предмет.

Во најмалку 8 училишта предметот историја го предаваат некомпетентни кадри, според нивното образование: земјоделски инженери, биолози, политиколози, информатичари и сл. кои ги немаат положено испитите педагогија, психологија и методика на настава по историја кои се неопходни за вршење на просветна дејност. Неколкуте обиди да се вработам како наставник по историја завршија неуспешно поради бирократски и клиентелистички причини.

Бидејќи секогаш ја почитувам и следам хиерархијата, започнав со Министерството за образование од каде добив одговор дека треба да се обратам до образовниот инспекторот. Користејќи ја истата алатка како и во комуникацијата со МОН (електронска пошта) се обратив и до образовниот инспекторат на 09.09.2021 година од каде до денес нема никаков одговор. Имаше и неколку обиди за физички контакт со инспекторите, сите безуспешни бидејќи канцелариите на образовниот инспекторат во Гостивар се секогаш затворени. По долга комуникација и нови бирократски лавиринти добив насоки да се обратам до градоначалникот на Општина Гостивар. По трите неуспешни обиди во период од шест месеци за средба, на 06.12.2021 година испратив мејл лично до него и до општината од каде до денес нема никаков одговор.

Следејќи ја хиерархијата ми преостана уште еден механизам во барање на „правдата“ токму преку начинот опишан во уводот во колумнава – класичниот клиентелизам-комуникација со локалните партиски „администратори“. Локалната партиска хиерархија која сè понагласено се рефлектира и во образованието е поделена на координатор кој ги постава директорите, и секако поставените директори. Од две „интелектуални“ тела кои се олицетворение на политичка партија добив одговор дека не ги исполнувам партиските критериуми за да бидам вработен во една од образовните институции и да им го пренесам моето знаење на учениците.

Би ги запрашал државните, локалните и партиски органи кои управуваат со овие институции, дали учениците заслужуваат на сметка на партиско-клиентелистичките потреби да бидат интелектуално и образовно осакатени, во буквална смисла на зборот? Бидејќи е залудно повеќе да се говори, ќе го цитирам Џорџ Орвел: „Најефикасен начин да се уништи еден народ е да се избрише неговото сопствено сфаќање за историјата“.

Ставовите на колумнистите се лични и редакцијата на Умно.мк не секогаш се согласува со нив.

Сподели