Еден од најсуштинските недостатоци на Предлог-законот е отсуството на јасна одредба со која за пополнување на работно место што станало слободно, согласно актите за систематизација, не би била потребна нова согласност од надлежните органи, вели проф. д-р Виктор Стефов
Новиот Предлог-закон за високо образование е (ЗВО) е обемен и комплексен документ кој бара темелна и внимателна анализа. И по негово детално проучување, остануваат одредени формулации што се недоволно јасни, особено од правен и технички аспект, вели проф. д-р Виктор Стефов, редовен професор на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
– Без да навлегувам во деталните забелешки кои веќе се доставени до факултетските и синдикалните тела, сметам дека Предлог-законот содржи и позитивни решенија, но и одредби кои треба дополнително да се преиспитаат, како и прашања што остануваат нерегулирани, а се од клучно значење за унапредување на високото образование – вели Стефов.
Предлог-закон беше објавен на ЕНЕР системот и веќе цел месец е во фокус на широка јавна дебата. Министерката за образование и наука Весна Јаневска ја предводи работната група и присуствува на јавните дебати кои цел месец се одржуваат на универзитетите во Македонија, се одржа дебата и во МАНУ.
Ги пренесуваме интегрално суштинските насоки и ставовите што го ги предлага Стефов.
КРИТЕРИУМИ ЗА ИЗБОР И РЕИЗБОР
Еден од позитивните аспекти е воведувањето построги и поконкретни критериуми за избор и реизбор на наставно-научниот кадар, вклучително и повторниот реизбор на редовните професори. Намерата, зголемување на квалитетот на наставниот кадар и поттикнување на објавување трудови во списанија со фактор на влијание, е оправдана и стратешки исправна. Зголемената научна продукција и цитираноста директно влијаат врз меѓународниот рејтинг на универзитетите и целокупниот квалитет на високото образование.
Сепак, ваквите критериуми поцелисходно би било да се уредуваат со подзаконски акт (правилник), што би овозможило поголема флексибилност и приспособување кон специфичностите на различните научни подрачја. Не е соодветно исти критериуми да се применуваат на сите подрачја без соодветна градација, но секако слични критериуми на предложените да има. Истовремено, треба да се остави можност универзитетите да пропишуваат и построги критериуми од минимално утврдените. Нешто слично, со вметнати построги критериуми, е предложено и функционира во Србија, Хрватска и Словенија.
Меѓутоа, строгите критериуми нема да дадат резултат доколку паралелно не се создадат неопходните институционални и финансиски предуслови. Потребни се системски мерки: редовно вработување млад кадар, подобрување на инфраструктурата, континуирано и предвидливо финансирање на научноистражувачката дејност, како и стабилна проектна поддршка. Во Предлог-законот се поставуваат барања кон наставно-научниот кадар, но не се предвидуваат јасни обврски на ресорното министерство во однос на создавање на овие предуслови. За разлика од тоа, во Србија, Хрватска и Словенија постојат значителни и континуирани вложувања во научноистражувачката дејност, со што се обезбедуваат реални услови за продуктивна научна работа и објавување трудови во списанија со висок фактор на влијание, услови кои кај нас сè уште не се системски воспоставени.
Најавениот нов закон за научноистражувачка дејност треба да биде суштински комплементарен со Законот за високо образование и да содржи конкретни и обврзувачки механизми: задолжително годишно распишување конкурси за научни проекти, обезбедување средства за набавка и одржување на опрема, формирање Фонд за научноистражувачка дејност со значителни почетни средства (од неколку десетици милиони евра) и јасно утврдена стратегија за негов континуиран раст. Сепак, Предлог-законот за научноистражувачка дејност што е ставен на јавна расправа не предвидува формирање ваков Фонд, ниту воспоставува механизам за обврзно и континуирано финансирање на научноистражувачката дејност во државата. Наместо тоа, содржи општи формулации за финансирање на науката, без преземање конкретни и долгорочно одржливи мерки.
Потребно е да се има предвид дека објавувањето трудови во списанија со фактор на влијание е долготраен и ресурсоинтензивен процес. Рецензентските барања стануваат сè построги, а истражувањата бараат современи техники, опрема и финансиска поддршка. Дополнително, сè почеста е потребата од плаќање значителни средства за целосна отворена достапност на трудовите. Во земјите со развиена наука овие трошоци се предвидуваат во рамки на научните проекти, додека кај нас таков систем сè уште не е целосно воспоставен.
ПРОСЕЧЕН УСПЕХ КАКО УСЛОВ
Во однос на условот за кумулативен просечен успех од најмалку 8, формулацијата отвора простор за различно толкување. Доколку просекот се пресметува кумулативно, теоретски е можно значително понизок успех на еден од циклусите (на пример, завршен просек од 6 од студиите на прв циклус) да биде компензиран со повисок успех на другиот (10 од студиите на втор циклус). Сметам дека секаде наместо „кумулативен просечен успех“ треба да стои „просечен успех“. Од една страна се бараат критериуми за да се добие поквалитетен наставен кадар, а од друга страна се дозволува наставник во високо образование да стане некој кој завршил прв циклус на студии со просек 6. Ова претставува голем аспурд. Ова прашање треба да биде недвосмислено прецизирано во законот, за да се избегнат правни дилеми и потенцијално нееднаква примена на критериумите.
ДОКТОРСКИ И МАГИСТЕРСКИ СТУДИИ
Позитивно е што се пропишуваат поконкретни критериуми за изработка на докторска дисертација. Доколку се обезбедат соодветни предуслови, ова може значително да го зголеми квалитетот на докторските трудови и научната продукција на универзитетите.
Од друга страна, условот за одбрана на едногодишни магистерски студии да бидат објавени два научни труда е преамбициозен. Магистерските студии претставуваат вовед во научноистражувачка работа и во рамки на една година е тешко да се реализира сериозно истражување и истовремено да се исполнат сите студиски обврски. Посоодветно решение би било да се предвиди објавување на најмалку еден научен труд.
Како правично решение го оценувам тоа што вработените соработници на универзитетите не треба сами да ги финансираат магистерските и докторските студии.
ВРЕДНУВАЊЕ НА НАУЧНАТА РАБОТА ВО ПЛАТА
Позитивен исчекор е предлогот научноистражувачката дејност пореално да се вреднува во рамки на платата. Сепак, формулацијата во член 170 е недоречена. Предвиденото наградување исклучиво на првиот автор не ја одразува современата практика, каде често авторот за кореспонденција или тимот во целина имаат клучна улога.
Потребно е да се воспостави транспарентен модел за распределба на средствата меѓу сите автори, согласно нивниот придонес, со јасно утврдени критериуми. На пример, вкупната сума делена на бројот на автори, така нема да се создаваат ситуации со дополнителни авторства без значаен придонес.
Во поширока смисла, платите во високото образование би требало да се формираат двокомпонентно, врз основа на наставниот и научноистражувачкиот учинок. Нешто што јас одамна го предлагам. Таквиот модел успешно функционира во повеќе земји со развиен академски систем каде дојде до значително зголемување на научната продукција со воведување на таквиот модел. За жал, предложеното решение во новиот ЗВО е само делумно и не обезбедува целосна мотивација за поголема научна активност.
РОДНИНСКИ ВРАБОТУВАЊА
Од текстот на Предлог-законот произлегува можност за вработување лица во иста високообразовна институција кои се во блиска роднинска врска. Ова прашање бара внимателна регулација, бидејќи може да создаде ризик од судир на интереси и да ја наруши перцепцијата за транспарентност и објективност во постапките за избор.
ФИНАНСИРАЊЕ ПРЕКУ ПАРТИЦИПАЦИЈА
Повторното оставање можност дел од средствата од студентската партиципација да се користат за зголемување на платите на наставниот кадар не го сметам за соодветно решение. Овие средства треба првенствено и исклучиво да се насочат кон подобрување на условите за студирање, унапредување на инфраструктурата и зголемување на квалитетот на наставниот процес.
Моделот на финансирање „по студент“ создаде системска финансиска зависност од бројот на запишани студенти. Таквата поставеност неизбежно влијае врз институционалните политики и индиректно врз академските стандарди. Кога приходите директно зависат од бројот на студенти, се создава притисок за зголемување на уписите, што не секогаш е во согласност со реалните академски капацитети и општествените потреби.
Во изминатиот период често се создаваше впечаток дека отворањето нови студиски програми не секогаш произлегува од стратешки и академски оправдани причини, туку и како механизам за обезбедување дополнителни средства преку партиципацијата. Со тоа се воспостави финансиски модел кој го става квантитетот пред квалитетот.
Доколку средствата од партиципацијата се насочат исклучиво кон подобрување на условите за студирање, лаборатории, опрема, практична настава, дигитална инфраструктура, бројот на запишани студенти природно би се усогласил со реалните капацитети на институциите и со потребите на пазарот на трудот. На тој начин би се намалил финансискиот мотив за непринципиелно зголемување на уписите.
Дополнително, нема потреба средствата од студентската партиципација да се користат за дополнување на платите, особено имајќи предвид дека платите во високото образование се веќе добро регулирани со закон и треба да се обезбедуваат од буџетски средства. Пренасочувањето на студентските средства за таа намена испраќа погрешна порака за приоритетите на системот.
Неразбирлив останува и недоволниот ангажман на студентските организации и парламенти по ова прашање, со оглед на тоа што станува збор за средства кои директно произлегуваат од студентите и се однесуваат на нивниот академски стандард.
Убеден сум дека моделот на финансирање „по студент“, комбиниран со партиципацијата, во изминатите две децении придонесе за постепена ерозија на квалитетот на високото образование. Се воспостави дисбаланс во кој вреднувањето на институциите и нивните приходи доминантно се темели на наставниот ангажман, додека научноистражувачката активност останува недоволно стимулирана. Како последица на ваквата поставеност, не изненадува фактот што научната активност на универзитетите останува релативно ниска.
Особено погодени се факултетите од природните, техничките и медицинските науки, кои имаат значителни трошоци за лабораториска настава, практични вежби и одржување на опрема. Во такви услови, средствата често не се доволни ниту за основно функционирање на институциите, а уште помалку за сериозно унапредување на научната работа.
Јасно е дека меѓународниот рејтинг на универзитетите се подобрува пред сè преку зголемена научна продукција, објавување трудови во списанија со фактор на влијание и поголема цитираноста, а не преку активности насочени исклучиво кон зголемување на сопствените приходи.
Како позитивен пример може да се посочи Универзитетот „Гоце Делчев“, каде се воспоставени механизми за стимулирање на научно поактивните наставници и соработници, преку доделување институционални проекти и поддршка за истражување. Ваквиот пристап покажува дека постојат алтернативни модели што ја поттикнуваат научната извонредност без да создаваат зависност од бројот на студенти. Анализата на научната активност на овој релативно млад универзитет укажува дека применетите мерки придонеле да се остварат видливи и мерливи резултати.
Заклучно, доколку сакаме вистинско зголемување на научната продуктивност и долгорочно подобрување на квалитетот на високото образование, потребни се системски, а не парцијални решенија. Трансформацијата е возможна, но бара јасна стратегија, институционална доследност и храбри одлуки во однос на моделот на финансирање.
КОНТИНУИТЕТ ВО ВРАБОТУВАЊАТА
Еден од најсуштинските недостатоци на Предлог-законот е отсуството на јасна одредба со која за пополнување на работно место што станало слободно, согласно актите за систематизација, не би била потребна нова согласност од надлежните органи.
Во пракса, барањето дополнителни согласности за веќе систематизирано и претходно одобрено работно место создава административни застои, неизвесност и ризик од прекин во наставниот и научноистражувачкиот процес. Високообразовните институции функционираат континуирано и не можат да си дозволат подолги периоди без соодветен кадар.
Дополнително, нејасно е зошто вакво решение не е предвидено за високото образование, имајќи предвид дека слични одредби постојат во законската регулатива што ги уредува пониските нивоа на образование. Ова создава впечаток на нерамномерен институционален третман на различните сегменти на образовниот систем.
Вметнувањето на ваква одредба не би значело зголемување на бројот на вработувања, туку би овозможило непречено пополнување на веќе постоечко и систематизирано работно место. Со тоа би се обезбедиле институционална стабилност, предвидливост и навремен континуитет во вработувањата, што е од суштинско значење за спречување на понатамошна ерозија на кадарот во високото образование.
Во таа насока, оправдано е да се очекува од сите носители на јавни функции кои доаѓаат од академската заедница, согласно своите надлежности и залагања, да придонесат кон вметнување на ваква или слична одредба во законот. Убеден сум дека таквото решение би било многу позитивно прифатено од целокупната академска заедница.
КООРДИНАЦИЈА СО НАЦИОНАЛНИОТ СОВЕТ
Минатата година беа подготвени Национална програма за високо образование и Национална програма за научноистражувачка дејност, со низа квалитетни предлози. Дел од тие решенија не се препознаваат во Предлог-законот. Потребна е подобра институционална координација меѓу ресорното министерство и Националниот совет за високо образование и научноистражувачката дејност.
АКАДЕМСКА АВТОНОМИЈА
Од исклучителна важност е законот да не воведува ограничувања што би ја нарушиле академската автономија. Ефикасната научна и наставна работа подразбира институционална и индивидуална автономија, во рамки на јасно утврдени законски правила.
ЗАКЛУЧОК
Предлог-законот содржи и позитивни и спорни решенија, како и одредени празнини што треба да се надминат. Јавната расправа е можност за аргументирано разгледување на сите предлози, за да се усвои поцелосен, покохерентен и одржлив закон.
За вистинско унапредување на високото образование потребни се системски, а не парцијални решенија, континуирана поддршка на наставно-научниот кадар и институционална стабилност.
(В.И.И.)
Насловна фотографија: Проф. д-р Виктор Стефов / Извор: НАкС





