Илија Аџиевски: Кога моќта на уметноста ќе ве избави од амбисот на „обележаните“

Една од битните задачи на Националната галерија е претставување на автори кои на извесен начин од повеќе причини биле запоставени – еден од нив е скулпторот Илија Аџиевски, чиј животен и творечки пат бил послан со многу премрежиња, рече Дита Старова-Ќерими

„Влегувајќи во ателјето на Илија Аџиевски, емотивно ме пренесе на моите авторски почетоци, да се потсетам на фотографиите на Роденовото ателје што врз мене остави несомнено влијание и како фасцинација и како пластичен израз. Ме занеме енергијата која сведочи за патот на уметникот низ годините, кој не бил секогаш лесен. Запишана во просторот, преку неговите скулптури каде се препознава моќта на уметноста, во најтешките моменти, кога искрено, со многу труд и работа ќе се вложиме и создадеме дела кои ќе зборуваат за нас и во иднина“. Со овие зборови Дита Старова-Ќерими, директорка на Националната галерија на Македонија се обрати на творањето на изложбата „Портретот во фокус“ на дела од скулпторот Илија Аџиевски која беше птворена во Даут-пашиниот амам во Скопје.

Во присуство на Аџиевски кој денес има 95 години, роднини, пријатели и почитувачи на неговото творештво, Старова-Ќерими рече дека една од задачите на Националната галерија е презентацијата на творештвото на национални уметници, пред сè, автори кои со своето децениско творење го одредиле текот на македонската современа уметност. На тој начин се оддава должната почит кон нив, како потсетување на нивниот придонес во одреден историски период и влијанието кое го оставиле врз следните генерации уметници, едукација на денешната публика.

– Една од битните задачи е и претставување на автори кои на извесен начин од повеќе причини биле запоставени. Еден од тие автори е скулпторот Илија Аџиевски, чиј животен и творечки пат бил послан со многу премрежиња. Сепак, од денешна перспектива, а заради одредување на местото во македонската модерна уметност, сметаме дека оваа изложба ќе покаже дека Аџиевски е дел од антологијата на македонската ликовна уметност – рече Старова-Ќерими.

Одличен портретист

Кураторот на изложбата, Ана Франговска, рече дека по долги и интензивни подготовки ја отвориле изложбата на најстариот скулптор од македонската ликовна сцена. Во својот долг животен и работен век, Аџиевски создал многубројни уметнички остварувања и покрај трновитиот пат по кој одел. Франговска потсети дека тој бил активно вклучен во НОБ, бил активен член на СКОЈ и СКОМ, но го доживеал и преживеал и Голи Оток.

Дита Сарова-Ќерими (лево), Ана Франговска и Јелена Лужина со Илија Аџиевски на отворањето

– Сепак, уметноста, тој креативен монументум и занес биле доволно моќни да го избават неговиот дух од амбисот на „обележаните“. Веројатно сето тоа време ќе придонесе Аџиевски да проникнува во тајните токму на духот и карактерот на личностите кои ги портретира, бидејќи портретниот жанр го одбира како еден од своите предоминантни фасцинации. Одличен е во реализмот и во доловување на сличноста со портретираните личности, но уште поспецифичен и оригинален во исклучително експресивните портрети кои како да се трансформирани природни енергии и појави, планини, карпи, ветрови, води. Како да интимата на портретираните личности е материјализирана со една индолентна естетика во моќно портретни титани – рече Франговска.

Таа посочи дека Аџиевски е познат по непосредните релации со луѓето, а една таква силна релација остварил со Јелена Лужина, позната теоретичарка, есеистка, преведувачка и театролог, која по потекло е Хрватка. Аџиевски, пак, во Хрватска завршил Академијата за ликовни уметности.

– Искрено верувам дека со оваа изложба ќе ги поместиме хоризонтите и досегашните согледувања на историчарите на уметноста и кустосите, ќе понудиме платформа за едно поинакво квалификување и валоризација на несомнената, а за жал досега неадекватно потврдена големина и оригиналност на портретна уметност на Илија Аџиевски. Тој е дефинитивно еден од ретките магови на портретната пластика во Македонија – рече Франговска, виш кустос во Националната галерија.

Само 16 изложби во седумдецениска кариера

Лужина со Аџиевски ја поврза максимата на Микеланџело – Studio ancora (сè уште учам, и натаму учам, продолжувам да учам…).
– Илија Аџиевски е ден од оние уметници трагачи, неспокојни и посветени ученици перфекционисти, кои како да се водат од олимпиското гесло citius, altius, fortius (побрзо, повисоко, посилно). Неуморниот Аџиевски ѝ останал верен, доследен и денес, додека чесно ја троши 96-тата година од својот долг, исклучително драматичен и ретко исполнет, кадарен живот, кој вечерва симболично се маркира со оваа изложба. Шеснаесеттата самостојна изложба во неговата речиси седумдецениска кариера. А требаше да ги има барем уште толку: имаше и зошто и од што да се постават! – рече Лужина.

Јелена Лужина

Според неа, изложбата „Портретот во фокус“ е нестандардна, необична „по сите нишани“. Една е од најексклузивните и најспецифични изложби што сме ги виделе кај нас.

– Нејзиниот концепт, но и самата постановка во просториите на Даут-пашиниот амам, поинаква од сите кои ги видовме досега, како да нè доближува до високите изложбени стандарди на Бобур, Вила Боргезе, Палацо Граси – рече Лужина.

Фото: Маја Аргакијева

Сподели