„Код“, ИРЛ и фоторепортерот Ѓорѓи Личовски ги добија првите награди „Никола Младенов 2024“ на МИМ

Серијалот истражувачки приказни за тендерите во енергетскиот сектор, објавени на телевизијата „Телма“, подготвени од новинарите од емисијата „Код“ ја доби првата награда за најдобра истражувачка сторија на годинешниот конкурс за новинарските награди „Никола Младенов 2024“ што ги одделува Македонскиот институт за медиуми. Наградата за најиновативен новинарски производ ја делат тимот на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) за новинарскиот проект „Мобилна редакција: Кичево“ и новинарките од емисијата „Код“, Марија Митевска и Снежана Лупевска-Созен, за видео сторијата посветена на обвинението за грабнувањето и убиството на малата Вања. Наградата за најдобра репортерска фотографија ја доби фоторепортерот Ѓорѓи Личовски за фотографијата „Ловец на метеори“, објавена во германскиот магазин „Штерн“.

– Истражувањето на тимот на „Код“ обелоденува сериозно коруптивно постапување на државните институции при спроведување на тендери и набавки во енергетскиот сектор во милионски износи. Новинарите демонстрирале исклучителен новинарски ангажман и спровеле сеопфатно истражување поткрепено со факти и податоци со кои на јавноста ù откриваат како одредени функционери и фирми блиски до претходната влада ги злоупотребувале тендерски постапки – велат од МИМ.

Втората награда за најдобра истражувачка сторија ја доби новинарот Петар Клинчарски за серијалот текстови за Државна лотарија, објавени на веб-порталот на „Радио слободна Европа.

Клинчарски, преку серија текстови открива незаконско постапување во Државна лотарија при закуп на нов деловен простор и тендерите што ги спроведуваше акционерското друштво во време на поранешниот директор.

– Се работи за темелно новинарско истражување, поткрепено со факти, докази и релевантни извори, коешто предизвикаа големи реакции во јавноста. Како епилог, Владата и Државна лотарија ги раскинаа договорите, а поранешниот директор и сопствениците на компаниите со кои се склучувале договорите, се предмет на финансиски истраги – велат од МИМ.

Третата награда за најдобра истражувачка сторија ја доби тимот на ИРЛ за истражувањето „Украдени животи“, емитувано на „Македонската телевизија“ и на веб-порталот на ИРЛ. Приказната разоткрива измами со брзи кредити, откако лични податоци на граѓаните протекле од државни институции и биле злоупотребени од организирани криминални групи од Македонија, Косово и од Бугарија.

– Истражувањето прецизно ги отсликува последиците од потфрлањето на институциите да се обезбеди ефикасен надзор врз работата на финансиските друштва во земјата – велат од МИМ.

Пофалници за истакнат новинарски ангажман во категоријата најдобра истражувачка сторија им беа доделени на Мирослава Симоновска, Мери Јордановска и Антонија Јаневска, Билјана Николовска Тодорова, Александар Димитриевски и на Александар Методијев и Сузана Мицева.

На конкурсот пристигнале 36 стории обработени во 185 текстови/видео прилози во категоријата најдобра истражувачка сторија; 5 теми обработени во 12 текстови/видео прилози во категоријата најиновативен новинарски производ и 16 фотографии во категоријата најдобра репортерска фотографија. Наградите МИМ ги доделува традиционално од 2001 година, а од 2013 година наградата го носи името на угледниот новинар и сопственик на неделникот „Фокус“, Никола Младенов.

Фото: МИМ

Сподели