Книгата може да биде опасна и во рацете на некој што не знае како да се справи со неа. Голем дел од она што го наоѓаме во книгите, во многу книги, може сериозно да го оштети умот. Од друга страна, добро избраната и правилно прочитана книга може да свети во животот на една личност како сонце, загревајќи го духот и исполнувајќи го со радост и креативност, рече најпреведуваниот словенечки писател Евалд Флисар во своето обраќање по повод добивањето на наградата „Прозарт“, што му ја додели Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ синоќа во Даут-пашиниот амам во Скопје.

Прокопиев му ја врачува наградата на Флисар
Во својот обемен, но и мошне искрен говор, тој се задржа на улогата на книгата во време кога, како што забележа, „светот се дави во премногу зборови и премногу книги“. Флисар предупреди дека „плевелот на лошите книги“ го загушува просторот за креативна и искрена литература, додавајќи дека вистинската борба денес не е меѓу авторите, туку меѓу површното пишување и добрите читатели, оние кои знаат да ја разликуваат автентичната приказна од безличната продукција.
– Мора да се бориме против лошите книги со добри читатели – оние што се добро начитани, информирани, образовани и што инстинктивно знаат што е добро, а што е само подгреана каша. Се плашам дека секоја година има сè помалку и помалку такви читатели – истакна Флисар.

Евалд Флисар
Со овој став ја прошири дебатата за современата литература, заклучувајќи дека приказната и митот самите се нашето прибежиште и дополни:
– Чувството на безбедност, и понатаму најлесно се наоѓа во модерната верзија на митот – во романот, драмата, кратката приказна. Во приказната што се раѓа во нашата имагинација.
Завршната вечер на „ПРО-ЗА Балкан“ и оваа година започна со традиционално читање од извадоци од дела на гостите. Српскиот писател и поет Небојша Лапчевиќ прв прочита извадок од својата збирка „Ракопис во теракоти“, издание на книжевна општина Вршац. Хана Корнети се претстави со извадок од романот „Коса“. Елена Алексиева од Бугарија избра пасус од „Читателска група 31“, во издание на „Прозарт медиа“, додека македонската авторка Лидија Димковска, пак, читаше извадок од својот роман „Единствен матичен број“ за пребегнатиот Кипарец Никос Авраам и неговата ќерка Катерина која трага по неговиот идентитет. Словенката Јана Бауер прочита извадок од сликовницата „Ежот добива нов дом“.

Јана Бауер
Публиката потоа го проследи читањето од самиот лауреат. Флисар, кој со доза симболика, нагласи дека бројот тринаесет му е среќен, па затоа чита од 13. издание на својот роман, објавено пред две години.
Фестивалот го затвори Дејан Трајкоски, идеен творец на „ПРО-ЗА Балкан“ велејќи дека во овие времиња, на светот како да не му преостанува ништо друго, освен да го послушаат поетот Радован Павловски и неговата мисла од циклусот песни „Зрна“: Биди како природата/ И на мали работи/ Најди им пат/ Да дојдат/ До својот врв.

Во рамките на дополнителната програма на фестивалот, задутре (петок) во 20 часот во „Аудиокултура“ во Скопје ќе гостуваат четири грчки поети за промоција на книгата со поезија „30 современи грчки автори“. Во Скопје ќе имаме можност во живо да ги чуеме Хрисанти Иакову, Ефтихија Кателанаки, Манос Мавромустакакис и Никос Влахакис, истакнати поети, чии песни се застапени во книгата.

Лидија Димковска
Програмата „Скопје фелоушип“ оваа година се реализираше во соработка со КУД „Содобност“ од Словенија, а кофинансиранa е од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија. Учесниците на програмата имаа можност да се сретнат со претставници од домашните издавачки куќи во Куќата на Европа во Скопје и учествуваа на тркалезната маса „Војни, вештачка интелигенција, литература“ во Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје.

Елена Алексиева
На програмата, годинава учествуваат 15 издавачи, меѓу кои претставник на италијанскиот гигант „Џунти едиторе“, поранешна директорка во „Рандом хаус“ и актуелна уредничка на британска издавачка куќа, еден од најугледните издавачи на книги за деца од Украина, шпанскиот издавач на Јосип Коцев, унгарскиот издавач на Румена Бужаровска, претставничка од ТРАДУКИ, директор на литературна агенција од ОАЕ, претставник на Интернационалната алијанса на независни издавачи и уште многу издавачи од Европа.

Дејан Трајкоски
Организатор на интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ е издавачката куќа „Прозарт медиа“ од Скопје. Поддржувачи на „ПРО-ЗА Балкан“ се: Министерството за култура и туризам, „Традуки“, Културно-информативен центар на Бугарија во Скопје, Амбасада на Грција, Амбасада на Словенија, СПОНА, Амбасада на Шпанија, Амбасада на Словачка, КУД „Содобност“, Умно.мк и Метрика Култура.
Фото: Сашо Димоски





