„Кластер“ е насловена изложбата од Иван Ивановски што ќе биде отворена утревечер во 20 часот во продажниот салон на Културно-информативниот центар во Скопје. „Кластер“ е уметнички проект што низ слики, скулптури и цртежи ја истражува психолошката, социолошката и политичката динамика на толпата.
– Тематски изложбата се занимава со начините на кои поединецот се втопува во колективот и како повторно се појавува, но не како „јас“, туку како „ние“. Терминот „кластер“ овде се користи во повеќеслојна смисла: како форма на групирање без центар, како модел на акумулација на тела или информации и како состојба на психолошка кохезија од што произлегува посебен независен ентитет со своја волја и свест – велат од КИЦ.
Иван Ивановски (1983), дипломирал вајарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје 2008 година. Во 2014 ја завршил Академската програма за режија на Ф.А.М.У., во Чешка. Во моментов е на постдипломски културолошки студии на Институтот за македонска литература.
Досега реализирал 28 самостојни изложби во земјава и во странство, а учествувал на многу групни претставувања. Работи скулптури, цртежи, инсталации, слики, видео, филм и анимација. Автор е на скулптурите „Луѓе-птици“ во Градскиот парк во Скопје. Добитник е на наградата „Денес“ за млад ликовен уметник во 2014 година. Автор е на пет книги, работи на анимиран филм од 2007 година.





