Професорката Јасмина Делчева-Диздаревиќ, ќерка на Ѓорѓи Делчев – автор на добро познатиот „Буквар“ во времето на Југославија, е авторка на новиот учебник по македонски јазик за 1. одделение кој според новата концепција за основно образование ќе почне да се употребува од септември. Таа и претходно пишувала материјали за учење по македонски јазик, заедно со татка си чиј „Буквар“ описменил 36 генерации, македонски ученици, соопшти Министерството за образование и наука.

Делчева-Диздаревиќ вели дека се пријавила на конкурсот за изработка на материјали за учење затоа што јазичната писменост е нејзина потесна специјалност како универзитетски професор на Институтот за педагогија, на Филозофскиот факултет во Скопје. Со професионалниот стаж од 30 години, ѝ било преизвик да работи на новиот учебник.
– Новата концепција за основно образование бара друг, поразличен пристап кон учењето. Првачињата ќе почнат да се описменуваат уште во второто полугодие. Нашиот, фонетски правопис бара ученикот да чита онака како што зборува. Слоговното читање или читањето буква по буква не се во функција на правилното читање. Ова значајно да се напомене, бидејќи погрешно описменети ученици имаат понатаму потешкотии при читањето. Кај нив изостанува логичкото читање, односно читањето со разбирање. Затоа многу треба да се внимава: македонскиот јазик не само што е наставен предмет, туку е и наставен јазик, јазик со кој ги изучуваат и совладуваат содржините од другите наставни предмети – вели Делчева-Диздаревиќ.

При подготовката на материјалите за учење се раководела од потребите на денешните деца, да се задоволи нивната љубопитност, која на таа возраст е потребно да се стимулира а резултатите од учењето да се совладуваат низ игра. Таа посочува дека во новата наставна програма за прв пат, покрај медиумската култура, се воведува и медиумската писменост. Учениците уште од најрана возраст ќе можат да ги препознаваат информациите што ги добиваат од медиумите и понатаму да знаат да ги препознаваат по важност, да ги разбираат и да имаат критички став кон нив.

– Не беше тешко да се подготват материјалите за учење. Уште на почетокот знаев што треба да правам. Долгогодишното искуство ме подготви за оваа работа. Постојано бев во контакт со илустраторот и со графичките дизајнери. Материјалите се убаво и богато илустрирани, како што налага и возраста на првачињата. Во тесна соработка со илустраторите бргу најдовме заеднички јазик и страниците се полнеа – вели Делчева-Диздаревиќ.
Таа им посакува на првачињата многу успех, насмевки и лесно учење, да дознаат и да разберат дека учењето може да биде игра, дека може да биде интересно и забавно.






