КИЦ – Скопје ќе поддржи претстави за возрасни и за деца

Културно-информативниот центар од Скопје објави конкурс за драмски претстави за возрасни и за деца. Може да се конкурира со драмски претстави (монодрами, дуо драми, камерни драмски претстави) со содржина прилагодена за возрасна публика, како и за ученици од средните училишта и повисоките одделенија на основните училишта, поради можност за организирање на групни посети на ученици од основните и средните градски училишта. Претставите треба да се неизведувани, односно премиерно ќе бидат изведени во колку бидат избрани на конкурсот.

Исто така може да се предложат детски драмски претстави, со содржини прилагодени за деца од предучилишна возраст (градинки, забавишта), како и на ученици од основните училишта на возраст до четврто одделение, со можност на организирани групни посети на деца од предучилишна и училишна возраст од градските образовни установи. Претставите треба да се неизведувани, односно премиерно ќе бидат изведени во колку бидат избрани на конкурсот.

Право на учество имаат сите заинтересирани здруженија, друштва, драмски актери, режисери, драмски писатели, поединци или групи. Заинтересираните на ворд-документ да достават сосема кус концепт, содржина на проектот, куса биографија, број на актери учесници во драмските претстави и контакт информации. Апликацијата да се достави на dramska@kic.mk. Конкурсот трае до 14 февруари 2026 година.

Селекцијата на проектите ќе ја изврши комисија составена од членови на КИЦ – Скопје и Град Скопје. Средствата за проектите се обезбедени од Град Скопје.

Сподели