Ќе се промовира изучувањето на францускиот јазик на УКИМ

Амбасадата на Франција во соработка со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје ќе го зајакнува изучувањето на францускиот јазик во високообразовните средини. За таа цел вчера меморандум за соработка потпишаа францускиот амбасадор во земјава, Сирил Бомгартнер и ректорот на Универзитетот, проф. д-р Никола Јанкуловски.

Да се промовираат уписите на студиската програма Француски јазик и книжевност, во рамките на Катедрата за романски јазици и книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот, со зголемување на нивната атрактивност преку зајакнување на мобилноста кон Франција, реализирање активности за промоција и комуникација и подобрување на студиската програма (збогатување/модернизација на програмите, активности во партнерство со Францускиот институт). Исто така, договорено е да се зајакне изучувањето на професионален француски јазик на другите факултети на Универзитетот, првенствено на Економскиот факултет, Правниот факултет „Јустинијан Први“ и Медицинскиот факултет, и додавање на изучувањето корисност (воведување на квалитетни програми) и долготрајност (понуда на часови адаптирани на потребите на студентите, особено преку меѓуфакултетска соработка).

Во таа насока, Филолошкиот факултет и Амбасадата, преку Францускиот институт во Скопје, дефинираат акциски план кој има за цел промовирање на студиите по француски јазик и книжевност преку три области на дејствување: понуда на стипендии за мобилност кон Франција за студентите на оваа програма на Катедрата; активности за комуникација кон средношколците од 15 средни училишта во Македонија однапред идентификувани; подобрување и збогатување на студиите по француски јазик.

Двете страни се обврзаа да соработуваат во широк спектар на активности и иницијативи од заемен интерес за промоција на уписите, како и зголемување на атрактивноста на студиската програма по француски јазик.

Сподели