„Кардинално црвено“ од книгата „Боење на животот“ на Емил Алексиев

Во оваа викенд-рубрика ви претставуваме извадоци од книжевни дела од домашни и странски автори 

КАРДИНАЛНО ЦРВЕНО

Сакаше да го види. Навистина сакаше. Знаеше дека тој ја чека. Знаеше дека доцни и дека тој ги крши прстите во очај. Но, таа не беше подготвена. Не се чувствуваше добро во тој фустан. Фризурата не ù беше погодена (посака да ја задави фризерката). Новите чевли ја стегаа. Реши да го види другпат. Секако, другпат.

Сакаше да го види. Очајно ù требаше неговата прегратка. Очајно ù требаа неговите утешни зборови. Сопругот ја запоставуваше. Децата не ги исполнија нејзините очекувања. Но, децата требаа да се подготват за училиште. Таа доцнеше на работа. Требаше да смисли што ќе зготви тој ден за ручек. Требаше да ги плати насобраните сметки. Требаше да се сретне со пријателките. Потоа требаше да оди на фризер. Со ваква фризура никако не смее да ја види…

Сакаше да го види. Толку многу што трепереше од помислата на неговиот допир. Сопругот ја изневеруваше. Ѝ здодеа да го чека до доцна секоја вечер. Децата не ја забележуваа. Тие живееа во некој друг свет. Таа таму не припаѓаше. Таа не припаѓаше никаде. Сè повеќе мислеше на него. Понекогаш плачеше заклучена во бањата. Не доаѓаше во предвид да го викне дома. Никогаш нема да го викне дома. Тука постелата мирисаше на нејзиниот сопруг кој зјапаше во неа од заедничките врамени фотографии. Сакаше да излезе од работа и да го види. Но, ако излезе како ќе се врати мирисајќи на машки парфем, со размачкан кармин околу устата и со разбушавена коса?

Сакаше да го види. Конечно сега сè е во најдобар ред. Сопругот е одамна заминат. Ја остави поради некоја неуспешна глумица и живее во друг дел од градот. Децата се веќе возрасни. Ретко ја посетуваат. Најчесто е сама. Седи пред вклучениот телевизор долго во ноќта. Скришно пие. Понекогаш го сонува.

J Louis – Катрин ла Роз

Сакаше да го види. Го облече својот најубав фустан. Фризурата ù беше погодена. Чевлите одамна разгазени. Целата растреперена на таксистот му го даде ливчето со неговата адреса повлекувајќи го здолништето преку колената и обидувајќи се да се насмее. Знаеше дека ја чека. Тој секогаш ја чекаше.

Во старечкиот дом, во малечка соба со голи ѕидови без фотографии што мирисаше на мочка, тој ја чекаше како и секогаш. Лежеше на креветот со вкочанета насмевка на лицето. Глава прицврстена некако чудно за ситно тело на старец во преголем костум. Лежи таму мртов и во рацете стега букет кардинал црвени рози.

Издавач: „Феникс“

Сподели