Канскиот лауреат „Човекот кој не можеше да молчи“ на отворањето на „Дрим шорт“ во Струга

Фестивалот „Дрим шорт“ ќе се одржи од денеска до 10 август на повеќе локации во Струга, под мотото „Гледајте филмови, нема каде да се бега“. Главните проекции ќе се реализираат во Паркот на поезијата, додека останатата програма ќе биде распределена во Јуроп хаус – Струга, кафе-бар „Дуќан“, мезе-бар „Барабар“ и мезе-бар „Кингстон“.

Фестивалот ќе биде отворен вечерва во 19.30 часот во Паркот на поезијата, со проекцијата на филмот „Човекот кој не можеше да молчи“ на Небојша Слијепчевиќ, кој ја освои „Златната палма“ годинава. Ќе бидат прикажани уште неколку кратки филмови, меѓу кои и „Зајакот е мртов“ на Ханис Багашов.

Оваа година на „Дрим шорт“ гостите и публиката ќе имаат уникатна можност за средба и разговори за филм со еден од најважните кинематографи во светот, Флоријан Хофмајстер и со бардот на македонското и балканското глумиште, Никола Ристановски, кој ќе одржи мастерклас.
Фестивалот ќе се одвива во текот на четири фестивалски дена, со пет натпреварувачки програми: Меѓународна, Регионална, Национална, Студентска и Специјална програма насловена „Соочување со минатото“, реализирана во
соработка со „ПроПис Северна Македонија“.

Жирито е во состав: Јелена Јованова, актерка; Никола Ристановски, актер; Гвидо Казале, режисер; и Бранко Ристовски, монтажер и продуцент.

Натпреварувачката програма ќе биде придружена од ревијална програма што вклучува „Вечер на холандски филм“, со избор на филмови во соработка со фестивалот „Go Short“, програма на еколошки филмови во соработка со Еко Свест и специјална ВР програма на кратки филмови. Музичката ОФФ програма се фокусира на македонската електронска сцена со диџеј сетови на Андреја Салпе и Андреј Мицајков.

Сподели