Камерниот оркестар од Битола со нови предизвици

Камерниот оркестар на Битола ги започнува подготовките за претстојната музичка сезона со засилена енергија и нови кадри. По дополнителните вработувања, оркестарот активно работи на планирањето на програмата, иако се соочува со значителни предизвици.

– Во текот на оваа година, Камерниот оркестар е соочен со недостиг од основни ресурси за функционирање. Немаме простор за проби, а и финансиските средства се далеку од потребните за непречено одвивање на активностите. Покрај тоа, Министерството за култура оваа година ни одобри само четири проекти, што е речиси десет пати помалку во споредба со колегите од Скопје – изјави в.д. директорот на оркестарот, Дејан Цветковски.

Поради овие ограничувања, за останатите настани и проекти во 2025 година ќе мора да се потпрат на сопствени средства, преку продажба на влезници и привлекување на спонзорства, додаде директорот.

Камерен оркестар на Битола, кој повеќе од десет години успешно функционираше од 2024 година доби статус на национална установа. Оркестарот е широко признат и популарен не само во Македонија туку и во странство, благодарение на својот уникатен начин на работа и микс на класична и популарна музика, а колку за потсетување минатата 2024 година одржаа свои концерти во Рим, Виена и во Врање, каде ги исполнија салите до последно место и публиката ги награди со повеќеминутни овации.

– Оркестарот се надева дека за овие проблеми Министерство за култура и туризам ќе има слух и со нивна поддршка, како што е поддршката која што ја даваат на националните установи од овој вид ќе може успешно да ги реализира своите амбициозни планови за годината – велат музичарите.

Сподели