Во Археолошкиот музеј во Скопје во тек е заштитата и конзервацијата на богатиот музејскиот археолошки материјал од локалитетот Расница, кај струшкото село Корошишта. Пронајдените гробови лани го привлекоа вниманието на јавноста со епохалното откритие на архајска некропола. Меѓу највпечатливите наоди се: бронзен шлем со златни апликации, златен прстен, пекторал и фолии, килибарни мониста, сребрен кантарос и бронзени садови (каулдрон, поданиптер, оинохое), теракотни фигурини.

– Овие артефакти не само што ја потврдуваат датираноста на некрополата во архајскиот период, туку и ја поврзуваат со богатата култура на Требенишката некропола. По завршувањето на конзервацијата, наодите ќе бидат јавно презентирани во Археолошкиот музеј во Скопје – велат од Музејот.
На конзервацијата на материјалот работи тимот: д-р Перо Арџанлиев, кустос советник, раководител на проектот, вишите конзерватори Билјана Балева, Емилија Димковска и Никола Патчев, Гордана Младеноска, конзерватор и Климент Балев, препаратор.

Проектот се реализира со соработка меѓу Археолошкиот музеј и Заводот за заштита на културното наследство и музеј од Охрид.
Фото: Археолошки музеј







