Одлучив да го споделам моето лично искуство за начини кои се покажаа дека навистина функционираат. За мене најголемата гордост е што успевам да изградам пријателство и авторитет со моите ученици, вели наставникот Дунимаглоски
Пишува: Игорче Дунимаглоски, наставник
Бидејќи училиштето е место за учење со ред и дисциплина каде се воспоставени јасни граници, предизвикот на денешните наставници е да најдат баланс помеѓу пријателството и авторитетот во односот со учениците.
Одлучив да го споделам моето лично искуство за начини кои се покажаа дека навистина функционираат. За мене најголемата гордост е што успевам да изградам пријателство и авторитет со моите ученици.
Порано се сметаше дека наставникот мора да биде строг авторитет. Денес, тоа повеќе не функционира. Учениците отсекогаш имале потреба некој да ги праша како се и да ги сослуша. Јас лично како наставник секогаш сум отворен и пред сè пријател со учениците. Моето искуство ми покажа дека најважно е наставникот да воспостави добра комуникација и да стекне доверба со учениците, тогаш воспитно образовниот процес станува совршен.
Први септември секогаш носи чувство на возбуда, очекувања и неизвесност. Денес училиштата се многу различни од пред 10 или 20 години. Разликата е во сите нас, новите генерации растат во дигитален и брз свет исполнет со информации и социјални мрежи, а наставниците се обидуваат да фатат приклучок во новата реалност. Во таков свет, улогата на наставникот треба да се промени.
Наставникот кој само држи класични предавања е лесно заменлив во свет исполнет со безброј содржини на интернет. Она што не може да се замени е човечката врска – чувството дека наставникот е тука и за наставата, и за нив како личности.
Денес е важно да не се плашиме да кажеме: „Не знам, ајде заедно да истражиме“. Балансот на човечност, а од друга страна поставување јасни принципи е она што ги прави наставниците успешни во работа со денешните генерации.
На почетокот на оваа учебна година најважна порака што сакам да ја испратам до сите во образовниот процес е дека авторитетот не се гради со страв, туку со доверба и почит. А довербата се создава со тоа што ќе ги разбереме децата и младите, ќе го прифатиме нивниот свет, но ќе им покажеме и дека постојат правила и вредности во животот.
Наставникот на 21 век треба да биде водич, понекогаш строг, понекогаш близок, но секогаш присутен.
Среќен почеток.





