Како да ги поттикнеме децата да ја откријат радоста и да ја делат оваа прекрасна емоција?

Пишува: Катерина Димова, магистер по специјална едукација, семеен системски советник, основач на Неуроклиник-Центар за здрав раст и развој на деца млади и возрасни

Во рамките на општествено-одговорниот проект на „Халкбанк“ АД Скопје насловен како „Емоцијата има своја боја“, месец декември го посветуваме на радоста, затоа што декември е за радост! Во рамките на проектот целта е да им помогнеме на родителите и воспитувачите да ги поддржат децата во овој значаен период од нивниот живот. Преку оваа иницијатива, досега се обработени емоции како љубовта, емпатијата, отфрленоста и срамежливоста – сите препознатливи и важни за децата во процесот на емоционално созревање.

Емоциите играат значајна улога во нашите животи. Затоа, потребно е да ги детектираме со цел да дојдеме до нивна здрава регулација. Овој месец зборуваме за радост. Радоста е насекаде околу нас. Овој декември, важно е да се сетиме дека и на најмалите им е битно да ја покажуваме радоста за секој нивен најмал напор и успех. Радоста е позитивно чувство кое обично се појавува како одговор на пријатни или задоволителни искуства. Таа може да биде предизвикана од многу различни фактори, како што се постигнување цел, поминување време со саканите, добивање добри вести, или, едноставно, уживање во моментот.

Живееме во време кога се фокусираме на големите достигнувања и често ги занемаруваме малите успеси и моменти на радост. Сепак, стручните лица истакнуваат дека овие мали моменти се клучни за нашето емоционално и ментално здравје. Кога се радуваме на малите нешта, ние ги зајакнуваме позитивните емоции и создавањето среќа станува дел од нашето секојдневие. Како што е наведено во многу психолошки истражувања, радоста е важна за нашето општо здравје и благосостојба. Таа помага во намалување на стресот, подобрување на менталното здравје и промовирање на позитивни односи со другите. Радоста е емоција која ни помага да се поврземе со себе и со луѓето околу нас.

Секој на свој начин ја покажува радоста, но кај мене децата во пракса кога децата се радуваат, тие:

– Скокаат со радост
– Ги гушкаат своите родители и пријатели
– Цртаат и се креативни
– Играат со енергија и ентузијазам
Нивната способност да се радуваат на мали нешта е нешто што и возрасните можат да го научат и применат.

Техники за поттикнување на радост кај децата

1. Препознавање и пофалба: Препознајте ги и пофалете ги децата за секој нивен напор и успех, без разлика колку е мал. Позитивното поттикнување создава чувство на гордост и радост.

2. Игра и креативност: Охрабрете ги децата да играат и да бидат креативни. Играњето и креативните активности како цртање и создавање нешто ново ги исполнуваат децата со радост.

3. Квалитетно време: Поминувањето квалитетно време со вашите деца е еден од најдобрите начини да се создаде радост. Без разлика дали тоа е читање книги, гледање филмови или играње игри заедно, важна е заедничката активност.

4. Позитивна комуникација: Разговарајте со вашите деца за позитивни искуства и убави моменти. Споделувањето на овие приказни ја зајакнува чувството на радост и благодарност.

5. Физичка активност: Охрабрете ги децата да бидат физички активни. Физичките активности како спортови, трчање, или играње надвор ја зголемуваат енергијата и создаваат чувство на среќа и радост.

Периодот на празниците е идеално време да се фокусираме на малите радости и да ги споделуваме со најблиските. Наместо да се оптоваруваме со перфекционизам и големи очекувања, можеме да најдеме радост во мали гестови, искрени моменти и заеднички споделени насмевки.
Како некој што секојдневно се среќава со деца и млади родители, би сакала да им се заблагодарам за довербата што ми ја даваат. Токму јас сум нивен систем на поддршка. Мојата улога е многу јасна, како што кажа и едно од децата: „Кате, ти благодарам што носиш радост во нашиот дом.“
Среќни празници, мир, здравје и благосостојба во сите ваши домови. Не заборавајте, има моменти кои што се исполнети со радост и моменти кои што се исполнети со тага, и двете ги прифаќаме како дел од нашиот живот.

Сподели