„Јуначки приказни“ – Илинденците во нова книга од Киро Донев

Од печат излезе книгата за деца „Јуначки приказни“ од Киро Донев, издание на „Македоника литера“. Илустрациите се на Миле Топуз. Книгата содржи пет раскази, кои претставуваат историско четиво во вид на приказна за вистински настани и личности од историјата на Македонија од илинденскиот период – за битката на Мечкин Камен, Питу Гули, Гоце Делчев, Христо Узунов, Пере Тошев, Јордан Пиперката…

„Јуначки приказни“ првенствено е наменета за младите читатели. Во фикциските приказни, кои со наративните елементи звучат на фолклорното творештво (народните приказни и со користење изводи од народните јуначки песни), со едноставен стил, се раскажани и биографски елементи од славните ликови од македонската историја, но истовремено се потпираат на историските настани.

– Така, тие се воспримаат и како фикциски приказни и како некласично историско четиво. На тој начин, освен уметничка вредност, тие имаат и едукативна функција – зашто на непосреден и приемлив начин го запознаваат младиот читател со значајни ликови и настани од македонската историја – велат издавачите.

Ацо Гогов, прозаист, драматург и книжевен и театарски критичар, за книгата пишува:

– „Јуначки приказни“ е наменета не само за најмладата читателска публика, туку за сите возрасти на читатели. Донев ни потврдува дека дијалогот со минатото е и дијалог со нашата сегашност затоа што историските ликови на едно време се живи токму преку моралната вертикала која ја воспоставуваат во нас, сега и овде, во процесот на нашето постојано себеиспитување. Како фикционализација на македонската историја и на некои од нејзините револуционери, ракописот го реафирмира јунаштвото како вредност, како незаменлива, многу важна особина во животот на секој поединец. Како една трансисториска константа – вели Гогов.

„Јуначки приказни“ е 15. книга на Киро Донев во издание на „Македоника литера“ (13 авторски и две преведени и приредени).

Киро Донев (1942, Моноспитово, Струмичко) е автор на педесетина книги за деца: романи, раскази, гатанки, повести, пиески, стихозбирки и сликовници. Тој е еден од најпопуларните и најчитаните македонски автори, не само кај писателите за деца, туку воопшто во македонската литература. За своето творештво е добитник и на неколку високи книжевни награди. Неколку негови книги се објавени во повеќе изданија. Негови дела се преведени на десетина јазици и тој е меѓу најпреведуваните македонски писатели за деца. Пишува и ТВ и радиодрами, текстови за сликовници за најмладите, сценарија за играни ТВ серии, составил неколку антологии … Повеќепати е наградуван, а највисоки признанија од областа на литературата му се наградата „Ванчо Николески“, доделена од Друштвото на писателите на Македонија, „Гоцева повелба“ на манифестацијата „Гоцеви денови“, наградата „Мала вила“ на 21 Меѓународен детски фестивал „Везени мост“ во Тузла, Босна и Херцеговина. Дел од неговото творештво, претежно романи, се преведени на турски, српски/хрватски/босански, бугарски, унгарски, украински и албански јазик, а негови песни и раскази се објавени на многу јазици. Долг период (од 1970 г.) беше член на Друштвото на писателите на Македонија. Живее во родното Моноспитово.

Сподели