Јубилејна поштенска марка – потсетник дека македонскиот јазик живее и трае, има своја историја и сила

Специјална поштенска марка беше промовирана денеска во Порта Македонија. Министерот за култура и туризам Зоран Љутков се обрати на промоцијата по повод 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик со зборовите: „Човек без јазик е како дрво без корен“.

– Со овие зборови го започнувам денешново обраќање бидејќи нема ништо поважно за еден народ од неговиот јазик. Тој не е само средство за зборување, тој е срцето на нашата историја, борба и љубов кон зборот, кон коренот, кон татковината. Затоа, да се грижиме за јазикот, значи да се грижиме за себе, за иднината на нашите деца и за споменот на нашите предци – рече Љутков.

Тој додаде дека со денешната промоција на специјалната поштенска марка му оддаваме чест на нашиот македонски јазик.

– Во овој свет на брзи комуникации и дигитална ера, се чини дека поштенската марка е нешто од минатото. Но, не, таа е токму спротивното. Таа е сведоштво на трајноста. А македонскиот јазик е токму тоа – трајна вредност, што ги преживеала времето, притисоците и обидите за негирање. Затоа оваа поштенска марка има огромно значење. Таа ќе патува по светот и ќе раскажува за осум децении јазична зрелост, за генерации писатели, поети, научници и наставници што го градеа и го збогатуваа македонскиот јазик. Истовремено ќе биде и потсетник дека македонскиот јазик живее и трае. Има своја историја, своја убавина и своја сила – рече Љутков.

Тој порача:

„Да продолжиме да го негуваме македонскиот јазик со истиот идеал што го водеше Конески – со тивка сила, со длабоко чувство за одговорност и со верба дека зборот е столб на идентитетот“.

Сподели