Филмот „Јас не сум робот“ на Викторија Вармердам доби Гран при на 20. „Астерфест“ во Струмица. Наградата „Златна потковица“ ја доби Марко Црногорски за филмот „Избор“, „Сребрена потковица“ доби Александар Атане од Франција за „Сок од портокал“. Холандскиот „Еј, Ханун“ на Лина Тадун и Софијан Шуеб ја освои наградата „Бронзена потковица“.
Наградата за најдобро сценарио „Ѓорги Абаџиев“ ја доби Боби Бошко Грубиќ за хрватскиот филм „Самотија“. Најдобар режисер е Надежда Панов за филмот „Турбо-нет“, македонско-швајцарска копродукција.
Специјално признание од жирито доби Александра Кардалевска за филмот „Состојба на умот“, а специјално признание од жирито доби Ема Зафировска за филмот „Мајчински инстинкти.“ Наградата од публика ја доби филмот „Мечокот по име Војтек“ на Ијан Гарднер.
Синоќа во Амфитеатарот во Струмица беа прикажани и долгометражниот филм „Лена и Владимир“ на Игор Алексов, како и краткиот „Писмо“ на режисерот Васил Христов, во чест на лауреатот на наградата за животно дело, Емил Рубен.





