Според славистот и македонист Реџиналд де Бреј „како иронија на историјата, народот чии предци им го дале на Словените првиот литературен јазик, беа последни на кои им се призна јазикот како посебен словенски јазик, различен од соседните бугарски и српски“
Пишува: Владимир Трајановски
Денот на македонскиот јазик е востановен пред шест години и се одбележува на 5 Мај, денот кога во 1945 година Народната влада на Демократска Федерална Македонија ја усвоила азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо. Прогласот бил објавен во весникот „Нова Македонија“, бидејќи во тој период овој весник се користел и за владини акти. Подоцна во 1945 година, од страна на Државното книгоиздателство на Македонија е отпечатен „Буквар со читанка за прво одделение“.
Во 1985 година, на четириесетгодишнината од усвојувањето на македонската азбука, во продукција на Радио-телевизија Скопје премиера има серијата „Бушава азбука“, веројатно една од најпознатите и најуспешни телевизиски серии во Македонија до денес. Производ за младите генерации, кој азбуката ја носи на едно повисоко ниво, правејќи од неа повеќеслојна мултимедијална содржина. Идејата е на Горан Стефановски, илустрациите и анимацијата се на Душан Петричиќ а режијата е на Слободан Унковски. Во реализацијата на серијата учествува огромна екипа, од сите возрасти. Македонската азбука е веројатно единствената која може да се испее, благодарение на насловната нумера создадена од браќата Стефановски а во изведба на музичката група „Леб и сол“. Огромниот успех на серијата резултира и со печатено издание следната година. Книгата доживува повеќе изданија. Во 2019 година беше објавена дигитализирана верзија на книгата, изработена од македонскиот дизајнер и софтверски инженер Гоце Митевски, која може да се погледне на bushava-azbuka.mk. Три години подоцна, после децениска пауза, македонските читатели повторно ја имаа можноста да го купат печатеното реиздание на оваа вредна книга, благодарејќи на семејството на Горан Стефановски и издавачката куќа „Чудна шума“. Серијата е исто така дигитализирана и реставрирана и може да се погледне во сегментот 50 ГОДИНИ МРТ на интернет страницата play.mrt.com.mk.
Овој месец се навршува и еден век од печатењето на „Абецедарот“, буквар на македонски јазик за македонското национално малцинство во Грција, подготвен од специјална комисија на грчката влада (Папазахариу, Сијакцис и Лазару), под меѓународен притисок и покровителство на Друштвото на народите во Женева, отпечатен во Атина на лерински народен говор со специјално приспособена латинична азбука и со нагласено фонетски правопис. Целта со издавањето на таа вредна книга во развитокот на македонскиот јазик и култура е едуцирање на македонското население во Егејска Македонија. Со издавањето на „Абецедарот“ се направил голем чекор кон остварување на таа цел, но за жал со многу краток век. Во 2006 година е дозволено повторно реиздавање на „Абецедарот“. Изданието е испечатено во Солун. Деновиве од печат излезе и јубилејното реиздание на оваа книга од издавачот „Матица македонска“ од Скопје.
Месец мај има 31 ден. Колку што има букви и денешната македонска азбука. За секој ден по една. Дваесет и три букви делиме со останатите словенски јазици, четири со српскиот јазик, додека три букви се единствени за нашиот јазик. Единствена словенска азбука која ја содржи глаголската буква Ⰷ (ѕѣло) која последно се употребувала во старословенскиот. Според славистот и македонист Реџиналд де Бреј „како иронија на историјата, народот чии предци им го дале на Словените првиот литературен јазик, беа последни на кои им се призна јазикот како посебен словенски јазик, различен од соседните бугарски и српски“.





