На малата сцена на Македонскиот народен театар, утревечер во 21 часот ќе биде изведен по втор пат перформансот „Поетроника” – оригинален проект на Оливер Митковски и Андреја Салпе. Станува збор за проект базиран на темелно повеќемесечно експериментирање на двајцата артисти со опусот на домашните поети во тотална синергија со авторски креирана современа музика. Финалниот резултат е суптилен и културолошки многу значаен проект во форма на електронска музика со прекрасни амбиентални и џез звуци во комбинација со извонредно аранжирана македонска поезија. Станува збор за сосема нов и автентичен пристап кој се чини дека со својата оригиналност ги поместува границите, ќе се осмелиме да кажеме дури и во глобални рамки. Со оглед на искривените општествени вредности разбирливо е што ваков проект најверојатно нема да биде препознаен од страна на одговорните институции за култура.”
„Поетроника“ е поетско – музички проект на два извонредно талентирани уметници од нашата средина. Читачкиот (поетски) дел му припаѓа на бардот на современото македонско глумиште, фантастичниот Оливер Митковски, кој суверено владее со својот длабок, сугестивен, комплетно лишен од патетика вокал. Музичкиот, е дело на еден од водечките современи македонски електронски артисти, младиот и безмерно надарен, Андреја Салпе – вели Мирко Попов, музичар, музички критичар
Пресврт во македонската култура, какви што се случуваат повремено на деценија-две – вака Румена Бужаровска го оцени проектот.
– Седејќи во мрачната интима пред малата сцена на МНТ, почувствував дека сум била сведок на нешто битно за кое долго ќе се раскажува – вели Бужаровска.





