Романот излезе од печат на македонски јазик во издание на „Прозарт медиа“
Кој друг тогаш би можел да биде одговорен за тоа што на вратата од канцеларијата на директорот на училиштето, докторот на науки, Коста Аџија, тоа утро се појавила плочка на која со големи црни букви биле зборовите – Д-Р К. АЏИЈА? И за тоа што од тогаш озлогласениот Костоломац до неговото пензионирање останал дркаџија?
Дури седум дена подоцна со едногласна одлука на Основната организација на Сојузот на комунистите, професорот Бошко Цвијановиќ бил исклучен од Партијата. Според официјалното образложение, драстичната казна била изгласана заради потсмев на комунистичките симболи и знаменитости и навреди кон основните текови на социјалистичката револуција и Народноослободителната борба, што всушност требало да значи дека омилениот професор Цвијо не наебал заради плочката на вратата на Дркаџија, туку затоа што на пригодната училишна церемонија по повод одбраната на докторската дисертација на директорот со голем нож ја исекол големата торта во форма на ѕвезда петокрака, ги исекол и испокасапил, а потоа со сласт ги изел српот и чеканот.
– Се сеќавам на тој хаос, – рече Хунта. – Ма Цвијо ја ставил, сто насто.
– Да, Цвијо, – рече Циго одоздола. – А како го знаеш Цвијо?
– Па, тој подоцна се пресели во Брезовац. Сите го знаеја тоа со дркаџија, затоа што беше грдо. Заради тоа го исфрлија од партијата. Тој ни предаваше српско-хрватски во средното рударско училиште во Брезовац.
– Да, и мене исто ми предаваше, – го прекина Вили. – Добар беше Цвијо.
– Добар, добар. Мене за двојка ме праша кој е авторот на мемоарите на Черчил.
– Кој?
– Па, Черчил.
– Знам, туку кој ти даде тебе двојка?
– Цвијо, Јасер…, а не Черчил!
– Значи, тоа беше фората на Цвијо, тоа со дркаџијата?
– Тоа, да му се сневиди, но ненамерно. Не можело на плочката да го собере целото име, па ставил „Д-р К. Аџија“. Еби го, тоа е.





