Ви претставуваме извадок од романот „Лудвиг“ од Давид Албахари, што на македонски јазик го објави „Икона“ од Скопје. Незаборавна промоција беше организирана во киното „Фросина“ со лично присуство на Албахари, кој почина вчера, во 74 години во Белград
…Поминаа многу години откако последен пат го видов Лудвиг. И тогаш веќе беше стар, тоа не можеше да се сокрие, а ни тој, мора да се каже, не се обидуваше да го направи тоа невидливо. Но без оглед на сѐ, односно, токму поради сево ова, во еден миг почувствував злоба која не се ни обидов да ја потиснам, иако тогаш Лудвиг ми беше свртен со грбот и не можеше ништо да види на моето лице. Така и му треба, се сеќавам дека помислив, и треба да биде стар како излижан ѓон, како расипано јајце, како камен смачкан во планински поток. Еднаш една жена, геолог по професија, ми покажуваше камења со различни големини и ми ја соопштуваше нивната приближна старост и времето кое било потребно за водата, воздухот и ветрот да се вообличат во формите што ги држевме во рацете. Не мислам со тоа да кажам дека Лудвиг изгледаше толку стар, туку само сакам да го подвлечам и истакнам она што многумина го превидуваат, фактот дека јас, всушност, сум постар од Лудвиг, дека тој е, со други зборови, помлад од мене, и тоа две години и два или три месеца.
Никогаш не го утврдив точниот датум на неговото раѓање, но факт е дека тој дошол на овој свет после мене, и дека, доколку работите не тргнат во спротивна насока, после мене од него и ќе си отиде. Се тегнам додека го запишувам ова, така што со лактот морам да ја придржувам хартијата. Некаде прочитав дека тегнењето, како и прозевањето, може да биде знак на возбуда, иако повеќето луѓе ги поврзуваат токму со спротивното значење, со замор и досада, како и со одење на починка, што за мене, барем во овој миг, никако не важи. Ништо во овој момент не е толку оддалечено од мене како помислата за одење на починка; никогаш креветот не ми бил толку непривлечен и одбивен, дури и гнасен кога ќе помислам на изгужваните чаршави, вешто сокриени под затегнатата прекривка; единствено на што мислам е Лудвиг и единствено што ме исполнува со спокојство е помислата дека тој изгледа постар од мене, како според цртите на лицето, така и според држењето, а за облеката и да не зборувам. Накусо, се тегнам од возбуда, набрзо ќе почнам да се прозевам поради недостиг на воздух, поради чувството на гушење предизвикано од возбудата, од радоста, всушност, најпосле го изговорив она ми тежеше сите овие години, така што се чувствував како принцеза на зрно грашок: колку душеци и да поставеа помеѓу мене и она за што принудно молчев, купче или два пати по толку, тоа подеднакво ме боцкаше и постојано во текот на ноќта се превртував, стенкав и се виткав како црв во залудниот напор да избегам од тие проголтани зборови, во постојан страв дека еднаш, некаде длабоко во мене, ќе почнат да гнијат, па постојано ќе одам следен од смрдеа која се крева до небо, а и понатаму.





