Бегалците се само луѓе! Изложбата „Раселени“ на Тања Балаќ во срцето на Европа

Во „Арт клуб Амикале“ на Советот на Европа во Стразбур денеска во 17 часот официјално ќе биде отворена самостојната изложба „Расeлени“ на уметницата Тања Балаќ. На отворањето ќе се обрати амбасадорката Светлана Гелева. Поставката е отворена за јавноста веќе шест дена, а ќе биде достапна до 27 октомври.

Раселени“ минатиот месец беше отворена во Музејот на Македонија. Таа предизвика љупопитност кај домашната публика, а веќе го предизвикува вниманието на француската публика и критика. Поставката содржи 27 дела создадени во последните три години. Тие се своевидно дополнување на нејзиниот претходен циклус започнат во 2017 година под влијание на големата бегалска криза. Дела од овој циклус беа претставени и на нејзините изложби во Скопје, Белград, Загреб…

Чест што сум овде во Стразбур во Советот на Европа за да ја споделам мојата изложба „Раселени“. Во изминатите четири години работев на овие слики, инспирирани од бегалската криза, која можевме да ја посведочиме преку нашите екрани. Уметноста треба да зборува за подобра иднина за сите. „Раселени“ се надоврзува на мојата претходна работа и се занимава со бегалската криза и со негативните информации што често ги добиваме од медиумите. Сакам да проговорам за ова глобално прашање од различни агли и да ги охрабрам сите заедно да најдеме решенија – вели уметницата Тања Балаќ во пресрет на отворањето на изложбата.

Изложбата се фокусира на луѓето заробени во имагинарен свет како одраз на животите на бегалците. Нивните изрази раскажуваат приказни за домот, засолништето, неизвесноста и стравот. Балаќ ја истражува идејата за поединци и семејства што се соочуваат со општествени и политички предизвици предизвикани од бегалската криза.

– Целта ми е да ја искористам мојата уметност за да го прикажам хаосот во нашиот свет денес, и тоа да го направам на влијателен начин. Сакам да ги потсетам сите дека бегалците се само луѓе! Јас сум уметник што се бори за слобода и преку мојата уметност се надевам дека ќе го потсетам светот на хуманоста што сите ја споделуваме – порачува Балаќ од Стразбур.

Преку поставката Балаќ се осврнува на ксенофобичната реторика присутна во многу мејнстрим-медиуми. Акцентот е ставен на концептот жртва, на поединецот и семејството, наспроти социјалните и политичките прашања, но и на индивидуата против колективот, а сето тоа ставено во контекст на глобалните општествено-политички промени, обележани со бегалската криза“., пишува во најавата за изложбата на веб-страницата на Советот на Европа.

Тања Балаќ во 1991 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на Одделот за сликарство. Трасирајќи го својот уметнички и професионален пат низ годините, во 2008 година магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на Одделот за сликарство. Покрај сликарството, во последната декада истражува и на полето на нови медиуми, вклучувајќи инсталација, експериментален филм и видео-уметност.

Сподели