Изложба посветена на големиот архитект Богдан Богдановиќ во Прилеп

Во фоајето на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп денеска во 14 часот ќе биде отворена изложбата „Вечито – Богдан Богдановиќ“. Изложбата ќе ги претстави резултатите од најновите истражувања на спомениците на Богдан Богдановиќ во Македонија, заедно со богата ретроспективна поставка на целиот опус на овој автор и се отвора во соработка со Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Прилеп. Во текот на минатата недела како предвесник на изложбата беа реализирани работилници за деца и млади кои на креативно-ликовен начин го запознаа уметничкиот свет на Богдановиќ, но и сопственото културно наследство на локалитетот „Могила на непобедените“. Работилниците се одржуваа под менторство на историчарката на уметност Аида Шарац-Бербиќ, музејски едукатор.

Изложбата ќе биде отворена до 25 октомври. Во рамките на придружната програма премиерно ќе биде прикажан филмот „Делото на Богдан Богдановиќ видено од земја и од небо“ (88 мин.) од Предраг Новаковиќ и дигиталната училница „Вечито – Богдан Богдановиќ“.

Богдан Богдановиќ (1922, Белград – 2010, Виена) бил српски и југословенски архитект. Сиот свој живот ги градел меморијалите посветени на Народноослободителната борба и револуцијата во Втората светска војна. И самиот бил учесник во оваа војна, како доброволец и партизан, кога бил и тешко ранет. По дипломирањето на Архитектонскиот факултет во Белград во 1950 година, се вработува на истиот факултет и до пензионирањето во 1987 година предава урбанистички предмети. Ја основал Алтернативната школа за филозофија на архитектурата во Мали Поповиќ (1976), бил градоначалник на Белград (1982 – 1986), и целиот живот, покрај проектирањето, цртал и пишувал – зад себе оставил повеќе од 12.000 цртежи (во Архитектонскиот центар во Виена), околу 500 текстови во весници и списанија и 20 книги.

Најзначајното наследство на Богдановиќ се 20 монументални споменици посветени на жртвите на фашизмот и НОБ, изградени низ целата СФРЈ од почетокот на 1950-тите до почетокот на 1980-тите години. Еден од нив е Споменикот на паднатите борци од НОБ во Прилеп (1960 – 1961).

Сподели