Изложба на оригинали од странски сликари инспирирани од Македонија од 1850 до 1950 година

„Странски сликари во Македонија во периодот 1850-1950“ е насловот на изложбата која вечерва во 19.30 часот ќе биде отворена во Музејот на град Скопје. Ќе бидат изложени стотина оригинални дела од повеќе од 50 странски сликари од приватната колекција на Влатко Милошевски.

– Странските сликари нè посетиле од 1850 до 1950 година и на кои Македонија им била ликовна муза и инспирација. Колекцијата е плод на моето 20 годишно истражување и колекционерство во оваа област кое резултираше со печатење на „Лексиконот на странски сликари во Македонија 1850-1950“. Културата гради мостови на пријателство на Балканот, и сметам дека токму оваа колекција е еден од тие мостови на пријателство – вели Милошевски.

Лексиконот е објавен на веб-страницата www.artlexicon.mk и на Фејсбук страницата која ја следат повеќе од 7 илјади читатели од Македонија, од сите наши соседни земји, а и пошироко. Во колекцијата се застапени дела со македонски мотиви на сликари од Германија, Холандија, Велика Британија, Австрија, Русија, Бугарија, Италија, Србија, Хрватска, итн. Изложбата е поддржана од годинашната програма на Министерството за култура и туризам.

Сподели