Во Галеријата на Културниот центар во Ниш денеска во 18 часот ќе биде отворена самостојна изложба на познатиот македонски уметник и критичар Гоце Божурски. Тој гостува во рамките на манифестацијата „Денови на македонската култура во Ниш“, на покана на Здружението на Македонци „Вардар“ од Ниш и Културниот центар од градот.
Делата кои ќе бидат изложени се од неговиот најнов творечки опус во последните пет години, и припаѓаат на циклусот Wall Art. Наспроти извесни традиционални и конзервативни призвуци со поетика на носталгичен реализам, Божурски вградува елементи на асоцијативна апстракција во духот на енформелот, како што вели Никола Кусовац. Повеќето ликовните критичари кои се осврнале на неговото творештво, истакнуваат дека тој по определба е реалист и изразен натуралист со топла, чувствителна јужњачка природа на интимист кој во македонската современа ликовна уметност внесува зрно вистинита хуманост и патина на минати времиња (Петар Петровиќ).

Авторот до совршенство ги разработува мотивите и предметите, не само заради убедливост, туку заради целосна изразност и духовна димензија. Делата се носталгични, но и современо концептуализирани, со симболи и метафори. Тој е уметник со контемплативна природа, кој се навраќа на темата на сеќавањата и „изгубеното време“, постигнувајќи специфична метафизичност на секојдневните предмети.
Неговото творештво се движи помеѓу хиперреализам, симболика, асоцијативност и концептуалност. Централна тема се љубовните чувства, прикажани со мотиви како срца во кои се врежани имиња и иницијали. Во некои дела се изразува порака блиска до хипи-движењето „води љубов, не војна“, но и критика на изгубените идеали, социјалните проблеми и ерозијата на вредностите.
Гоце Божурски е роден во 1958 година во Куманово, а дипломирал историја на современа уметност во Скопје во 1984 година. Работел како кустос во галерија во Куманово, бил директор на Народниот театар во Куманово, а две децении пред пензионирањето бил советник за ликовни уметности во македонското Министерството за култура.





