Изложба и промоција на графичка книга во Мобилната галерија во Скопје

Во Мобилна/Монтажна галерија во Паркот на франкофонијата во Скопје вечерва во 20 часот ќе биде отворена изложба и ќе се одржи промоција на графичката книга „Влажна симболична меѓуигра“ од Марија Трајаноска и Ѓорѓи Митревски.
Станува збор за графичка книга печатена во сито печат, која нуди невообичаен поглед на интимната комуникација помеѓу два карактера. Тие се во различни ситуации, исполнети со несвесни емоции и жестоки контрасти, се вплетуваат во бескраен дијалог, создавајќи неизмерни интерпретации на човечките интимни состојби. Секоја сцена е цртана интуитивно, без било каква предумисла, одразувајќи ги основите на надреалистичкиот принцип наречен „прекрасен труп“.
Присутните на отворањето на изложбата ќе имаат можност да учествуваат во креирањето нова ликовна „книга на посетители“ базирана врз истиот творечки принцип. За учеството во овој креативен процес не се неопходни никакви ликовни предзнаења.

Ѓорѓи Митревски (1973, Битола) самостијно излага од 2011 година. Свои изложби реализрал во Македонија, Босна и Херцеговина, Франција, Кина, Германија, Словенија и др.
Марија Трајаноска (1996, Кичево) дипломирала во 2019 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на проф. м-р Антони Мазневски. Добитничка е на студентската наградата за инвентивни достигнувања во областа на сликарството „Борко Лазески“. Реализирала неколку самостојни изложби, а учествувала на многу групни претставувања.

Сподели