Ликовната изложба „Реминисценции“ на авторот Марјан Ѕингаров ќе биде отворена вечерва во 18 часот во Културно-информативниот центар на Македонија во Софија. На изложбата авторот го претставува својот последен циклус од сликарски дела. Сликите се изработени на платно со комбинирана техника и употреба акрилни бои.
Марјан Ѕингаров е роден 1976 г. во Струмица. Дипломирал во 2002 г. и магистрирал во 2005 година на Националната ликовна академија во Софија. Има реализирано девет самостојни изложби во Македонија, Бугарија и Романија. Учесник на групни меѓународни изложби. Носител е на Годишната награда на Општина Струмица, св. Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици за 2022, за особен придонес во областа на културата и уметноста.
Делата на Марјан Ѕингаров следат една постојана траекторија на забрзување и компресирање на апстрактната сликовност со емоција и возбуда. Од знаковните студии со трње (од истоимениот циклус во 2015 година) преку геометриските бездни од 2018 г. до припитомените стравови и сенки во сегашната серија „Реминисценции“, Ѕин систематски е во потрага на кој начин да претстави повеќе со помалку. Без да западне во излишно сликање, тој работи со прецизна композиција во сѐ поапстрактни платна, исполнети со својствен однос кон пластичноста. Тие остануваат декоративни во својот карактер, без претензии за живописност, но тој плакатен квалитет е совладаниот јазик на музичката хармонија на овој циклус, неговата едноставност, синтетизирана од одбрани изразни средства.





