Во галеријата на Македонскиот културно-информативен центар во Софија вечерва во 18.30 часот ќе биде отворена изложбата на Друштвото на ликовните уметници на Македонија со наслов „Експериментален цртеж“. Изложбата ќе биде отворена во присуство на претседателката на ДЛУМ – проф. д-р Јана Манева Чупоска, претставници на управниот одбор, совет и членови на Друштвото.
Учествуваат 42 ликовни уметници: Синиша Новески, Иво Пецов, Јасмина Главинче, Стефан Младеновски, Татјана Ристовска – Керакамика, Јана Јакимовска, Ана Ивановска, Ненад Тонкин, Ирена Паскали, Дејан Иванов – Маргуш, Дијана Томиќ-Радевска, Марина Цветановска-Мартиновска, Стефан Јакимовски – Стеф, Марија Сотировска-Богдановска, Марија Мицова-Гацова, Кирил Гегоски, Валентина Илијевска, Ристо Мијаковски, Љубица Мешкова-Солак, Гоце Божурски, Ивона Велковска, Страхил М. Петровски, Борче Богоевски, Трајче Чатмов, Ангел Димовски, Душан Георгиевски, Златко Глигоров, Ана Спасова, Христина Зафировска, Ацо Таневски, Стефан Анчевски, Филип Јовески, Јана Манева-Чупоска, Јовица Мијалковиќ, Шќипе Мехмети, Софија Грабулоска, Златко Хаџи Пецов, Анета Стојчевска, Драган Вреговски – Алпи, Марија Чепешиева, Слободан Милошески, Љупка Делева.
Ако класичниот цртеж во својот израз мора да ги содржи сите ликовни елементи и принципи во една класична композиција, контрапост на ваков ликовен концепт е обидот на авторите да креираат нов визуелен експеримент во цртежот со рекомпонирање на сите ликовни елементи и принципи. Улогата на експерименталниот цртеж е да ги поместува границите на класичниот цртеж. Со своите неограничени методи на експериментирање и изразување, се креира концептуална форма која има за цел да создаде целосно нова композиција, преку различните техники но и различниот мисловен концепт на поставка на самото дело. Визуелна та експерименталност се обидува да ги прошири границите на уметниковата форма, креирајќи авангардна ликовна уникатност, наметнувајќи нови идеи наспроти традиционалните концепти на изразување. Изложбата „Експериментален цртеж“ која е дел од програмските изложби на ДЛУМ претставува една од најзначајните изложби. Во својот континуитет на реализација се забележува нејзиниот квалитет во изразување на уметничкиот обид на авторите за креирање на цртежи со метафоричен и слободен визуелен израз. Експериментот во творештвото на уметниците, не се акцентира само во техниката на изразување туку и во тематскиот концепт на изразување. Темата како ликов но наративен и концепциски пристап е исто така дел од самото уметниково изразување, каде во комбинација со техниката на изразување, авторите сублимираат целосно нов експериментален ликовен концепт.
Друштвото на ликовни уметници на Македонија има за чест на оваа традиционална изложба „Цртеж, експериментален цртеж“ да претстави дела како во традиционална смисла, така и цртежи кои претставуваат концепт и длабока рефлексија и отстапуваат од воспоставените норми. Линијата во претставените дела е вектор на истражување, способен да артикулира процес, време, отелотворување и субјективност.
Проф. д-р Маја Рауник Кирков, претседател на Уметнички совет на ДЛУМ, вели дека оваа година во претставените дела, цртањето ги отвора новите простори со преиспитување на површината и трајноста на хартијата како фундамент на овој ликовен медиум. Уметниците презентираат цртање со нетрадиционални материјали – чад, конец, метална жица, силиконски лепак…. Во други дела уметниците истражуваат гест и процес, третирајќи го чинот на цртање како перформативен и на тој начин вклучен во секојдневната реалност, но не разбрана како илустрација, туку како размислување преку процесот. Значаен е растечкиот интерес за материјалните и просторните димензии на цртежот. Посебно треба да се потенцира определбата на уметниците да го користат цртежот како средство за деконструкција – на иконичноста, архивата, на себеси. На одреден сегмент од изложбата претставени се и практики базирани на цртање кои се занимаваат со критика на меморијата, ликовниот израз „per se“ и промената како континуум. Овие практики често користат хумор, повторување или ефеменрни материјали за разлика од монументалната реторика На оваа изложба, ДЛУМ овозможува и презентација на современ експериментален цртеж кој ја продолжува оваа траекторија, но со нови сегменти и димензии.
Вклучувањето на дигиталните медиуми го проширува полето – цртежот се движи меѓу виртуелното и физичкото, помеѓу код и графит. Уметниците користат визуализација на податоци, аугментативна реалност или се враќаат на аналогни алатки со субверзивна интимност. Линијата како основа на цртежот станува нишка, трага или интерфејс. Во современата македонска уметност, експерименталното цртање останува дивергентно и рефлексивно поле. Актуелните ликовни уметнички практики на цртање се повеќе ги ставаат во преден план прашањата за екологијата, преку употреба на проширени медиумски практики, до алгоритамско обележување на тактилни, гестовни ангажмани. Чинот на цртање станува спекулативен простор – зона во која границите меѓу формата и емоцијата, присуството и отсуството постојано се прецртуваат и доцртуваат.





