На зелениот покрив на галеријата „Ко-Ра“ е отворена изложбата „Асиметрична нота нежност“ на авторката Маја Танева. Совршениот спој на зелената оаза создадена во центарот на Скопје и модерната скулптура предизвикаат голем интерес кај љубителите на тродимензионалната форма и затоа поставката ќе биде изложена и наредните недели.

-Вилински коњчиња се осетливи на промени во животната средина и затоа претставуваат индикатори за состојбата со речните екоситеми – факт врз основа на кој е создадена серијата „Асиметрична нота нежност”. Вилините, тема која ја рефлектира сензитивноста на нашата внатрешност, уката која ја имаме како можност да ја преземеме од нивниот процес на адаптација како најстар инсект кон сите промени кои ги искусиле. Предаторската сила прикриена во најнежната на изглед камуфлажа – пишува Танева по повод изложбата.

Маја Танева е родена во Скопје 1984, а високо образование завршила на софиската Ликовна академија, отсек скулптура, во класата на проф. Мирчев, со професионална доквалификација – професор за ликовна уметност. Магистрирала во 2009 година. По завршувањето на образованието се вратила во Скопје каде почнува едукација на деца и младинци во неформалното и формалното образование. Танева учествува на многу групни изложби низ земјава и надвор од неа, а имала и над десетина самостојни претставувања.
Годинава Танева ја стави Македонија на мапата држави кои беа дел од Светскиот ден на скулптурата преку Интернационалниот Скулптурен центар ISC.





