Во Културно-информативен центар – Скопје, Салон Империјал 2, на 26 јули (21 часот) ќе биде отворена изложба на фотографии на Сашо Димоски, насловена „Станица Скопје ’63“. Изложбата ќе биде дел од одбележувањето на 60-годишнината од трагичниот земјотрес што го погоди Скопје. Станува збор за 30-ина црно-бели фотографии на објекти (или простори), лесно препознатливи и парадигматски за денешно Скопје.
– Иако оваа изложба е наменска, со неа авторот всушност ја продолжува својата долгогодишна творечка преокупација со просторите и објектите проектирани и изградени во периодот на социјализмот. Критиката на лошата (незаемна, насилна и безнадежна) љубовно-омразна врска меѓу политичарите (носителите на одлуки) и архитектите (идеалистички настроените градители) повторно се филтрира во секоја од овие фотографии, во секоја од овие (овојпат исклучиво скопски) приказни – велат организаторите.
Сашо Димоски е роден во 1965 година во Охрид. Се занимава со фотографија и компјутерска графика. Дипломирал и магистрирал фотографија на Универзитетот ЕСРА, а работел во Македонската телевизија и пишувал за културните рубрики на „Утрински весник“ и магазинот „Глобус“. Од 2007 година бил и фотограф на археолошки истражувања, а свои фотографии и текстови објавувал и во електронското списание „Блесок“. Бил уредник на Галерија Блесок. Изложбата ќе биде отворена до 15 август.





