Четири дела на Владимир Лукаш се изложени во „Галерија 22“ во Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип. Најновиот авторски потфат на Лукаш – Hello, Deadline, my old friend I’ve come to talk with you again се случува седум години по претставувањето на „Цртежи што никогаш не би ги изложил“ (2015) и четири години по настанувањето на „Скицерајките“ (2018). Тој е изведен како комбинација на цртачките и сликарски техники маркер, коректор, акрилна боја и маслени пастели на хартија и е осмислен во духот на изненадувањето кое ги испитува можностите што ги нуди промената на форматот, колоритот и презентацијата.
Навраќањето кон богатата палета на бои, склоноста кон детаљот, промената на форматот заедно со експериментирањето при изложувањето, упатуваат на примена на низа изразни новини кои дискретно го менуваат јазикот на досегашната ликовност на Лукаш: неговиот препознатлив нестандарден формат сега е разраснат до размерите на монументалниот визуелен израз; цртачката техника како да посегнува кон сликарската; фигурацијата иако е доследна на раскажувањето, таа овој пат повеќе е врзана со идејата за алегориско-симболичката нарација, одошто со елементите на зборовната графичкост што се својствени за неговите претходни изведби во монохроматскиот цртачки код, каков што е, на пр., циклусот Ликови од романот што никогаш нема го напишам.
Сето тоа упатува на едно специфично организирање на светот на омилената тема на авторот: Човекот и неговата речиси лирска драма. Поставена и согледувана во контекстот на метамодернистичката парадигма, оваа опсесија во рамките на проектот Hello, Deadline, my old friend I’ve come to talk with you again почнува да се развива како авторска реплика на продолжените кризи: (пост)модернистички, (пост) транзициски, интегративни, епистемолошки, идеолошки, финансиски, безбедносни, еколошки, епидемиолошки, итн.





